Проблем за Македонија: Адеми се повреди на десет дена пред Лигата на Нации

Аријан Адеми е крајно неизвесен за настап на почетокот на Лигата на Нации, на стартот од месец септември, откако капитенот на Динамо Загреб мораше да биде заменет уште во првото полувреме од денешниот дуел со Јанг бојс. Големиот борец на средината од теренот веќе подолго време се мачи со повреда, реши да стисне заби и да настапи на клучниот меч за влез во ЛШ, но притоа очигледно уште повеќе си ја влоши состојбата, па по триесетина минути игра самиот побара да биде заменет.

Во следните денови ќе биде познато колку Адеми ќе мора да отсуствува од фудбалските терени, но јасно е дека се многу мали шансите за негов настап во дресот на Македонија во септемвриските натпревари од Лигата на Нации.

Избраниците на селекторот Ангеловски на 6 септември ќе му гостуваат на Гибралтар, а три дена подоцна во Скопје ќе се игра домашниот натпревар против Ерменија, еден од клучните мечеви за освојување на првото место во групата.

Се вчитува...