ЛШ: Сити го потопи Реал во Мадрид, Лион го „боцна“ Јувентус

Англискиот првак Манчестер Сити го освои „Сантијаго Бернабеу“ совладувајќи го Реал Мадрид со 1-2 во првиот осминафинален меч од Лигата на шампионите. „Кралскиот клуб“ поведе со голот на Иско во 60.минута, но во финишот се случи несфатлив пад во играта на составот на Зинедин Зидан, а Манчестер Сити направи пресврт за пет минути.

Габриел Хесус успеа да израмни со удар со глава по нафрлувањето на Кевин де Бруин од левата страна 78.минута, а само пет минути подоцна асистентот Де Бруин беше успешен реализатор на пеналот што го изнуди Рахим Стерлинг. Во завршницата, Серхио Рамос доби црвен картон за потопувањето на Реал да биде комплетно.

Лион обезбеди минимална предност против италијанскиот првак Јувентус и славеше со 1-0. Лукас Тусар во 31.минута ја затресе мрежата на Шчешни по нафрлувањето на Хусам Ауар од левата страна. „Старата дама“ се обиде да стигне до израмнување во второто полувреме, но убави шанси пропуштија Гонзало Игуаин и Пауло Дибала. Португалецот Кристијано Роналдо за првпат не успеа да постигне гол на меч на кој настапил во 2020 година.

Реванш натпреварите се закажани за 17.март во Манчестер и во Торино.

Се вчитува...