Лудило: Новите газди на Њукасл нудат една милијарда евра за да го купат Интер!

Интер би можел целосно да ги надмине финансиските проблеми со кои се соочува доколку кинеските газди ја прифатат понудата на конзорциумот од Саудиска Арабија, вредна дури една милијарда евра за да го преземе раководењето со актуелниот првак на Италија. Станува збор за истиот конзорциум што минатата седмица го купи премиерлигашот Њукасл, а саудиските магнати сега сакаат да ја прошират својата фудбалска империја и на Апенинскиот полуостров.

Семејството Жанг се соочува со огромни проблеми во Интер, откако не успеа да најде спонзори што дополнително ќе инвестираат во клубот, па на крајот „нероаѕурите“ беа принудени да ги продадат Хакими и Лукаку, што придонесе од клубот да си замине и тренерот Конте.

Финансиските проблеми на „нероаѕурите“ воопшто не се решени со овие трансфери, се најавуваат нови заминувања за јануари и јули 2022 година, а арапските мултимилијардери ќе се обидат да ја искористат кризата за да го купат мнозинскиот пакет на акции од Кинезите.

Според весникот „Либеро“, првите контакти биле остварени уште минатата година, но тогаш семејството Жанг не било заинтересирано за продажба на клубот. Сега ситуацијата е сосема поинака, а новите газди на Њукасл се надеваат дека една милијарда евра е добра сума за Кинезите да дадат зелено светло.

Едно е сигурно, навивачите на Интер ќе навиваат против сегашните газди, кои го донесоа првото скудето по подолга пауза, но и разочараа со лошите бизнис потези кои го донесоа клубот на работ на финансиска егзистенција.

Се вчитува...