Преполни со самодоверба кошаркарите на Пелистер ќе влезат во полуфиналната серија со МЗТ Скопје, но претходно „зелено-белите“ ќе треба да одработат уште еден меч, оној денешниот што со почеток во 14.30 часот ќе го игра на домашен терен против Тиквеш.
Математички овој дуел нема значење, Пелистер секако ќе заврши како третопласиран, а Тиквеш е шести, но дуелот е важен за „пелистерци“ за продолжување на извонредната серија од стартот на плејофот која изнесува четири победи, во пресрет на ова петто и последно коло пред доигрувањето за титулата.
Охрабрени по последните две убедливи победи над ТФТ и МЗТ Скопје, битолчани се решени во ист стил да продолжат и на денешниот дуел.
„Средбата со Тиквеш е последна од овој дел. Иако навидум не значи ништо за двете екипи, победата е единствениот прифатлив исход за нас. Немавме некои промени во играчкиот кадар, но се склопија коцките токму за овој клучен дел од сезоната. Желбата што е присутна од првата до последната минута на натпреварите придонесе да играме со максимален интензитет и да бележиме победи, се надевам дека така ќе продолжиме и на наредните натпревари“, вели Лука Стојановски, македонскиот репрезентативец во таборот на Пелистер.
За потсетување, управата на КК Пелистер се реши за популарен потег, отворајќи ги вратите на „Боро Чурлевски“ за овој натпревар, за кој влезот ќе биде бесплатен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
