Тренерот на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ вели дека добрата енергија која владееше во неговата екипа се покажа како најголем адут во победата. Лукајиќ е задоволен од прикажаното на своите кошаркари, особено што „металци“ одлично се справија со неколку сегменти на тимот од Гевгелија кои се карактеризирани како главно оружје.
„Вечерва ја искористивме добрата енергија која владееше во нашиот состав, ме радува што паметно ги користевме нивните слаби страни, но воедно добро се справивме со нивната игра „два на два“ како и нивната транзиција, сегменти кои претходно ни правеа многу проблеми. Ова беше вистински тест за нас, бидејќи Блокотехна претодно два пати не совлада во првенството, и тоа заслужено. Со оваа победа ја вративме самодовербата, тоа е многу добро за нас, бидејќи не се наоѓаме во идеална позиција. Севкупно се одигра фантастичен натпревар, како што заслужи присутната публика, и гледачите пред малите екрани. Меѓутоа оваа победа нам не ни значи многу, бидејќи нашата цел е да го освоиме пехарот, а не само да учествуваме во финалето“, вели Лукајиќ.
Тренерот на Блокотехна, Марјан Илиевски смета дека МЗТ ја искористи предноста под обрачите, но на другата страна неговите кошаркари не можеа да го одржат истиот ритам, односно реализацијата за три поени.
„Ја одржувавме контролата на топката речиси цело прво полувреме, водевме и со 12 поени разлика. Но, МЗТ ги искористи нашите грешки, особено под обрачите каде бевме хендикепирани. Мислам дека речиси 38 минути игравме егал натпревар, но потфрливме во клучни моменти. Во првото полувреме не служеше шутот од далечина, но јасно беше дека не можеме така да играме цел натпревар“, истакна Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА