Љупчо Марковски повторно тренер на Скопје: „Не можев да ја одбијам понудата на клубот за кој имам само убави спомени“

Конечно и фудбалерите на Скопје, кои во новата сезона ќе играат во Втората лига на Македонија, откако го загубија бараж мечот со Вардар за пласман во Првата лига, ги започнаа подготовките за новото првенство.

По заминувањето на тренерот Мирсад Јонуз, на клупата повпорно ќе седи миленикот на навивачите од Автокоманда Љупчо Марковски-Калц, кој со својата појава на теренот на Железарница, на првиот тренинг привлече 25 играчи што досега никогаш не се случило.

„Иако имав повеќе  понуди, можев да останам и во Тетекс, кој успеав да го спасам од испаѓање од Втората лига сепак не можев да ја одбијам понудата на раководните луѓе во клубот, на општината повторно да се вратам во клубот во кој повеќе години бев тренер и за кој ме врзуваат убави спомени. Ме радува вака голем број фудбалери кои сакаат да играат за Скопје. Ќе направиме една селекција, ќе видиме со кого се ќе потпишеме договори. Јас веќе имам разговарано со уште некои играчи, но се ќе биде познато во понеделник“ – ни изјави Марковски.

Од стандардните играчи кои настапуваа во Првата лига, од клубот си заминаа: Леонид Игњатов и Христијан Чурлинов кои потпишаа за Силекс, Абази Анит за  Гостивар и Бујар Хајдари за косовска Влазнија.

„За нас е најважно што го задржавме „костурот“ на екипата од Првата лига, ме радува што вака голем број фудбалери дојдоа на првиот тренинг, најмногу и поради враќањето на тренерот Марковски. Верувам дека ќе создадеме квалитетна екипа за да одново се вратиме во Првата лига. Се договараме со некои клубови за одигрување на пријателски средби, но прво да ја комплетираме екипата, можеби ќе заминеме и на подготовки во Маврово. Се ќе биде познато за два-три дена. Најважно е дека ке имаме и финансиска подршка од Општината Гази Баба“ – вели спортскиот директор  на Скопје, Иван Матевски.

Скопје своите натпревари во Втората лига ќе ги игра  на стадионот во Автокоманда, теренот е реновиран, има сите услови и за тренинг и за првенствени средби.

/М.М/

Се вчитува...