Маџари е хит на сезоната – со стил до полуфинале!

Маџари уште еднаш покажа зошто важи за хит на сезоната во кошаркарскиот шампионат откако новиот суперлигаш во првата сезона од учество во елитното друштво  успеа да обезбеди пласман во полуфиналето. Тимот одлично предводен од Миодраг Тодоровиќ игра одлична кошарка цела сезона, за попладнево да блесне во сиот свој сјај на клучниот дуел со Кожув, славејќи на убедлив начин над Кожув со 114-89, за запечатување на четвртото место на две кола до крајот и историски пласман во Топ 4.

Видно мотивирани, кошаркарите на Маџари почнаа да доминираат уште од првата четвртина. Кожув последен пат водеше со 17-20, по што Маџари врза десет поени во низа и успеа да го сврти резултатот во своја полза, добивајќи ја првата четвртина со 29-23. Гостите од Гевгелија добро парираа во голем дел од втората четвртина, но Маџари подобро го заврши полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи 56-45 по поените што со звукот на сирената ги постигна Луис.

Третата четвртина беше печат на супериорноста на скопскиот клуб, избраниците на Тодоровиќ одиграа маестрално, го добија овој период со 33-16, трасирајќи си го патот до убедливата победа на крајот изразена со конечните „плус 25“.

Луис со 27 и Армстронг со 21 поени беа најефикасни во победничкиот тим, Хор беше на ниво со 15 поени за Маџари, додека најефикасен кај Кожув беше Симиќ со 19 поени.

Се вчитува...