Кошаркарите на актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром поведоа со 1-0 во финалната серија од плеј-офот од Суперлигата откако вечерва на домашен терен славеа против Маџари со 84-77.
Најголемото изненадување во македонската кошарка сезонава одлично го отвори и историскиот прв натпревар за клубот во финалната серија. Кошаркарите на Маџари погодуваа од секоја позиција, па по десет минути имаа предност од 18-26.
По спориот старт шампионот успеа да се разбуди во вториот период кој го доби со тринаесет поени разлика и до паузата стигна до целосен резултатски пресврт 45-40. Третата четвртина помина во егал, а избраниците на Васко Атанасов во последните десет минути влегоа со плус осум 69-61. Периодот почна со тројка на Мекјуан со која Аеродромци за првпат стигнаа до двоцифрена позитива (72-61).
Во последниот период актуелниот шампион успеа да ја задржи предноста и со триумф од 84-77 да стигне до водство од 1-0 во серијата. Андреј Маслинко со 17 поени беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените Томи Левис заврши со 27 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА





