„Маестро“ Барди и „Нестор гол“ за остварување на целта – триумф во Лихтенштајн (ФОТО+ВИДЕО)

ЕКИПА во Вадуц, Лихтенштајн

Владимир Булатовиќ

Македонија стигна до посакуваната победа на гостувањето против Лихтенштајн во Вадуц каде славевме со 0-2 (0-0). Сето тоа за задржување на првото место во Групата 4 од лигата Д на Лигата на нациите кое за да го зачуваме до крајот од групната фаза ќе ни биде неопходно само бод на последниот натпревар против Гибралтар за три дена во Скопје.

Творци на победата на Македонија беа Енис Барди со мајсторски гол од слободен удар во 53. минута, и Илија Несторовски во првата минута од судиското продолжение кој по подолго време запишува погодок во националниот дрес.

Македонската репрезентација комплетна иницијатива наметна од самиот старт на мечот. Но, по шутот на Тричковски од околу 22 метри во 7. минута првата вистинска шанса следеше во 12. минута. Трајковски нафрли од левата страна, Несторовски од десеттина метри со глава се обидова но домашниот голман брани.

Во 18. минута следеше 100% шанса за Хасани. Капитенот Пандев извонредно испрати длабочинска топка по десната страна, Хасани мајсторски ја прими во шеснаесетникот на домашните, но шутираше сантиметри покрај левиот дирек. Во 22. минута и Барди собра еден „отпадок“ со волеј удар шутираше од 20 метри но пред голот спасуваат домашните дефанзивци.

Пандев во 34. минута повторно одлично го проигра по десната страна Трајковски, но неговиот шут откосо блокиран во корнер. И, тоа беше се во првиот дел… До крајот на првите 45 минути само јалови напади!

Второто полувреме почна лошо за македонската селекција, откако Пандев заработи жолт картон во 49. минута поради удирање на противнички фудбалер со лакт. Капитенот, поради два жолти картони, го пропушта следниот натпревар со Гибралтар.

Но, веднаш потоа во 52. минута слободен удар за Македонија на работ од шеснаесетникот на домашните откако Висер го фаулираше Пандев. Висер веднаш доби и исклучување поради втор жолт картон, а во 53. минута од 18 метри мајсторски од слободен удар стрелаше кој друг ако не Енис Барди за водство на Македонија од 1-0.

Во 70. минута нова одлична шанса за составот на Игор Ангеловски, но дирекот на домашните спречи водство од 2-0 по ударот на Пандев.

Специфечен момент во финишот од средбата. Повреда на нововлезениот Стефан Спировски, кој во 77. минута влезе на местото на Тричковски, но во 85. минута мораше да ја напушти играта поради повреда.

До крајот останува за одбележување уште одличната шанса на Горан Пандев чиј удар од непосредна близина заврши за малку покрај левиот дирек од голот на Лихтенштајн. Но, тоа што не му успеа на Пандев го реализираше Илија Несторовски во 90. минута со удар од непосредна близина по одличната акција почната на капитенот Пандев а продолжена од неговиот соиграч од Палермо, Александар Трајковски.


Сето тоа за остварување на зацртаната цел со која се допатува во Вадуц…

ЛИГА НА НАЦИИ – Д ЛИГА (Група 4)

ЛИХТЕНШТАЈН – МАКЕДОНИЈА 0-2 (0-0)

Рајнпарк стадион во Вадуц. Гледачи: 2.500. Главен судија: Петр Арделеану. Помошници: Надворник и Блажеј (сите од Чешка). Ж. картони: Висер (Л). Стрелец: Барди 53′ (М), Несторовски 90’+1 (М).

ЛИХТЕНШТАЈН: Бухел, Брандл, Гопел, Квинтанс (76′ Еберле), Селе (76′ Бухел), Висер, Салановиќ, Меер, Хаслер, Рихштајнер, Полверињо

Селектор: Рене Паулич

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Бејтулаи, Барди, Николов, Хасани (77′ Велкоски), Тричковски (77′ Спировски, 85′ Тошевски), Трајковски, Пандев, Несторовски

Селектор: Игор Ангеловски

Се вчитува...