Магдебург го носи Столе Стоилов во Бундес-лигата?!

Македонскиот ракометен репрезентативец Стојанче Стоилов најверојатно ќе го напушти Вардар на крајот од сезоната и ќе направи трансфер во Бундес-лигата. Тој важи за икона на „црвено-црните“, миленик е на фановите, но можноста да настапува во најквалитетната ракометна лига сигурно е голем предизвик. Магдебург е клубот кој ги следи настапите на Стоилов во изминатиот период и кој покажал сериозен интерес да го доведе капитенот на „вардарци“ во своите редови. Германците се надеваат на потпис веќе во текот на овој месец,  договор што би станал валиден од сезоната 2019/2020.

Стоилов го привлече вниманието со одличните настапи во репрезентативниот дрес на ЕП во Србија, каде Македонија оствари извонреден резултат. Тогаш имаше неколку одлични понуди, но на крајот реши да остане во редовите на македонскиот првак и не погреши, со оглед дека стана европски шампион со Вардар. Сепак, во ситуација на неизвесна иднина на проектот Вардар и нов бран на најавено заминување на клучни ракометари, јасно е зошто сега и самиот Стоилов сериозно размислува за интернационален предизвик во својата кариера.

Магдебург уште пред една година го осигура потписот на Филип Кузмановски, кој од почетокот на следната сезона ќе го облече дресот на овој бундеслигаш. Сега, желба на раководството е ангажманот на уште еден македонски репрезентативец, а до нова рунда преговори меѓу Стоилов и Магдебург се очекува да дојде во Минхен, за време на групната фаза од СП 2019.

Се вчитува...