Македонија е на СП 2019 – поразот во Клуж помал од победата во Скопје

ЕКИПА во Клуж,

Билјана Б.Петрушева

Машката ракометна репрезентација на Македонија го продолжува континуитетот со обезбеден пласман на СП 2019 во Германија и во Данска. Во вториот натпревар од баражот за СП, Македонија на гостувањето во Клуж загуби од Романија со 26-25 , но благодарение на убедливата победа на првиот дуел во Скопје на кој славеше со 32-24, го доби овој бараж дуел и обезбеди учество на Светското првенство во јануари.

Во Клуж беше и жешко и тешко за играње, Македонија не успеа да ја повтори играта од Скопје и во сите 60 минути буквално се мачеше на теренот. А, Романците во деулот влегоа мотивирани да го поправат впечатокот и барем да го завршат баражот со победа.

Реваншот во Клуж имаше речиси идентичен старт како првиот меч во Скопје. Романците го имаа почетното водство, а македонските ракометари се „загреваа“ во првите пет минути. Чави Пасквал одново се обиде да направи стартна предност со „седум на шест“ во нападот и овој пат тоа  на стартот не му го донесе посакуваниот резултат. Кире Лазаров го постигна првиот погодок за Македонија, а потоа тргна серијата. Македонија по првоте десет минути имаше водство од 1-4.

Романците се обидуваа со одбрана 5-1 со Михаи Милитари напред да го сопрат Филип Миркуловски и  реализацијата од бековската линија. Но, во таква ситуација нападот добиваше ефикасна завршница од Дејан Манасков од лево крило.

Домаќините во првата четвртина успеваа да држат чекор  со минимална негатива, а во 18.минута дојдоа и до изедначување на 7-7 со третиот погодок во серија на левиот бек Јонут Рамба кој во неколку напади успешно поминуваше низ македонската одбрана.

Романија по втор пат дојде во водство на десет минути пред крај на првиот дел кога Хавиер Хумет погоди за 8-7. Серијата промашувања и неискористени зицери на македонските ракометари им одеа во прилог на домаќините кои дојдоа во позиција да напаѓаат и за зголемување на предноста и во третиот обид успеаја за прв пат да дојдат на +2 (9-7).  Уште едно промашување на Филип Талески во серија, им овозможи на Романците да казнат со уште еден погодок и да поведат со 10-7.

Конечно, лошата серија на „црвено-жолтите“ кои речиси десет минути беа без погодок, ја прекина Кире Лазаров со третиот погодок за 10-8. Но, продолжија промашувањата на македонските репрезентативци на празен гол, па Раул Гонзалес беше принуден да реагира со тајм аут на две минути пред крај на првиот дел при водство на Романците со 11-9 и серија неискористени напади. Советите донесоа резултат и два погодоци по ред, еден на Манасков и вториот на Стоилов за ново изедначување на 11-11. Но, Романија поентираше во последниот напад и го заврши првиот дел со минимална предност од 12-11. Во овој прв дел од натпреварот изостана ефикасноста и течноста во нападот што ја имаше Македонија на првиот меч во Скопје, а потешко функционираше и одбраната на нашадот  на Романците со играч повеќе.

Манасков со шестиот гол го отвори второто полуврме за ново изедначување, но на другата страна брзо реализираше и Романија.  Борко Ристовски со две врзани одбрани донесе сигурност и внемсе малку живост, сепак, и понатаму проблем беше реализацијата во нападот на македонската репрезентација.

Романците играа многу помотивирано и поконцентрирано и го одржуваа водството со 1-2 гола предност. Фокусот на романската одбрана на бековите, шансата добро ја користеше Манасков и со осмиот погодок донесе ново изедначување на 18-18 на стартот од последната четвртина. Сепак, избраниците на Чави Пасквал, ја задржаа иницијативата  и предност, решени да го завршат настапот со победа без разлика што беа свесни дека разликата од Скопје е практично недостижна.

Во завршните десет минути, Романија одново имаше два гола предност (22-20), а на седум минути пред крај стигнаа и до највисока предност од +4 (24-20). Последните минути беа одиграни во истата рутина, Романија обезбеди победа, Македонија го доби баражот и обезбеди место на СП 2019.

Македонија со овој пласман го задржува континуитетот во настапите на светските првенства што трае од 2013 година. Ова ќе биде четврт Мундијал по ред вкупно шести за македонските ракометари. СП 2019 ќе се одржи во јануари во Германија и во Данска.

Се вчитува...