Македонскиот национален тим денеска игра пријателски натпревар со Финска, претпоследен пред почетокот на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2024 година идната година. Претпоследна шанса селекторот Благоја Милевски да види што ќе и недостасува на репрезентацијата во циклусот во кој Македонија ја чека можеби најтешката задача досега, и дуели со Англија и Италија, последните финалисти на ЕВРО 2020.
Мечот со Финска ќе ги покаже и слабостите на репрезентацијата кои ќе мора да се поправат пред квалификациите, затоа што таму ќе се нема право на грешка, а со тие репрезентации секоја грешка ќе значи и оддалечување од Германија 2024, со оглед дека во последните две години се градеше тимот токму за тие квалификации.
И повторно со одредени проблеми, без Адеми, Милан Ристовски, Чурлинов, но со повратниците Николов, Стефан Ристовски и Илија Несторовски, Милевски ќе почне да го мести мозаикот за предизвиците идната година.
„Ова се последни филтри пред квалификациите за ЕП идната година. Финска не е нималку слаба репрезентација, и намерно сакав да одиграме со силна репрезентација за да видиме што е она што недостасува. Неслучајно се во втор шешир, и точно ќе ни дојде како насока и праец што би требало да се промени за она што не очекува идната година. Секако ќе пробаме различни варијанти. Знаеме дека имаме квалитетна и тешка група и затоа се потребни овие контроли со квалитетни противници“, рече Милевски на вчерашната прес-конференција, и изрази надеж дека ќе се подобри ефикасноста во следните натпревари.
Селекторот на финскиот национален тим Мартин Канерва, на вчерашната прес-конференција не штедеше зборови за македонската фудбалска репрезентација пред меѓусебниот дуел. Канерва потенцираше дека Македонија е силен противник.
„Не е никаква тајна дека Македонија е силен противник со квалитетни поединци. Оваа репрезентација на Македонија е вистинско фудбалско освежување за Европа изминативе години, по пласманот на ЕП 2020 и оние два одигра натпревари против Италија и против Португалија. Располага со одлични поединци како Барди и Елмас, и се работи за одлично физички подготвена селекција. Ја гледавме со Грузија од дуелот во септември во Тбилиси и мислам дека несреќна околност беше што загуби таму“ – истакна Канерва на прес-конференцијата во Скопје.
Мечот започнува вечерва во 18:00 часот на Националната Арена „Тодор Проески“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА