Македонија го скарала Вентура со „аѕурите“

Натпреварот меѓу Италија и Македонија претставувал „почеток на крајот“ на Џанпјеро Вентура како селектор на „аѕурите“, по конфликтот што искусниот стратег го имал со дел од предводниците на националниот тим.

Како што е веќе познато, Македонија во фантастичен меч успеа да остане непоразена во Торино (1-1), а според италијанските медиуми клучните играчи уште тогаш увиделе дека Вентура нема капацитет да ја води репрезентацијата. Џиџи Буфон и Даниеле де Роси како лидери на репрезентацијата повикале состанок на играчите на кои не бил присутен ниту Вентура, ниту било кој од членовите на стручниот штаб, при што се дискутирало за кризата во таборот на „аѕурите“.

Вентура веќе извесно време се сомневал дека „играчите му работат зад грб“, а по состанокот отворено влегол во конфликт со дел од нив.

„Сте направиле одличен состанок. Еве, сега може и да го изберете тимот за Шведска“ – бесно им порачал селекторот на најискусните фудбалери на италијанската репрезентација.

Свесен за преголемото реноме, тој не можел да го исфрли Буфон од стартниот тим, но затоа го преселил Де Роси на клупата за резерви, па искусниот играч на Рома потоа во второто полувреме одби да влезе во игра на реваншот со Швеѓаните.

Епилогот е познат – Шведска им застана на патот на „аѕурите“, кои за првпат по 1958 година нема да бидат дел од еден мундијал, Вентура доби отказ, а Буфон и Де Роси најавија крај на репрезентативните кариери.

Се вчитува...