Македонија ЃП под истрага од УЕФА за мечот со РФС во Лигата на Конференции!?

Англиските медиуми „Атлетик“ и „Гол“ пишуваат дека УЕФА покренала истрага за два натпревари од Лигата на Конференции, меѓу кои едниот е оној помеѓу РФС и Македонија ЃП во првото квалификациско коло во Лигата на Конференции.

Според двата медиума, мечот е спорен поради сомнителни обложувања. Станува збор за натпреварот кој се одигра во Рига на 20. јули, во кој домашниот тим РФС славеше со 4-1, и со вкупни 5-1 се пласираше во следната фаза од ова натпреварување, а Македонија ЃП ги заврши настапите уште по првото коло. На полувремето беше 1-0 за РФС, а во вториот дел Македонија ЃП израмни преку Стојкоски, по што следуваа три гола за домашните за конечен триумф од 4-1.

Вториот натпревар кој е под истрага е помеѓу Алашкерт – Арсенал Тиват, кој ерменскиот тим го доби со 6-1, со што со вкупни 7-2, Алашкерт продолжи во следната фаза од Лигата на Конференции.

Споменатите медиуми за двата случаи побарале мислење и од УЕФА, при што добиле одговор:

„Во согласност со својата долгогодишна практика, УЕФА се воздржува од коментирање на истрагите, па дури и од постоење на потенцијални истраги за наводно местење натпревари за да не се загрозат истражните процеси“, се вели во соопштението на европската куќа на фудбалот.

Се вчитува...