„Македонија и натаму го живее сонот за Светско првенство“

Не може со директен пласман, но Македонија, сепак, на крајот се уште е на патот да се избори за историски пласман на Светското првенство. Со ремито против Казахстан, но пред се победата на Белгија на гостувањето против Велс, го загубивме првото место, но не и надежта за учество во Мундијалот.

Македонската селекција веќе во 99% има обезбедено бараж за СП 2026 преку Лигата на нациите, но сигурно ќе се обиде во последното ноемвриско коло од актуелните квалификации да дојде и до второто место во групата, за што најверојатно ќе и биде неопходно реми против Велс, како би дошла до нешто полесен противник во мундијалскиот бараж.

Селекторот Благоја Милевски после вечерашниот меч кажа дека и натаму сонот за пласман на Мундијал е жив, и дека истиот ќе се бара преку баражите.

„Македонија се уште си го живее сонот за Светско првенство, дали преку овој бараж или преку Лигата на Нации. Сонот е уште тука, и сите овие официјални натпревари 14 по ред без пораз, се подготовка за она кое ни следува во март. Ни останува уште еден натпревар да одиграме во Кардиф каде ќе отидеме да играме фудбал, да уживаме и да видиме што ќе биде. Овие фудбалери 14 официјални мечеви се без пораз, и имаат примено само пет гола, и кога ќе ги видам разочарани, тоа ми кажува дека се амбициозни млади момци кои не се задоволуваат со мали нешто. Тоа значи дека се квалитетни и веруваат во она што го работиме и можеме. Задоволен сум и пресреќен од тоа што го гледам кај нив“, вели селекторот Милевски.

Баражот за пласман на СП 2026 е втор едноподруго бараж за Мундијал кој го обезбедува македонската селекција, што повеќе од доволно зборува за континуитетот на оваа генерација македонски репрезентативци.

Се вчитува...