Македонија ќе има силна конкуренција во битката за ЕП 2034: Уште 10 земји кандидати за домаќинство!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) официјално ги објави сите кандидати за организација на Европското првенство 2034 за мажи, меѓу кои е и Македонија.

Јасно е дека Македонија ќе има силна конкуренција во битката за домаќинство на собирот на најдобрите на Стариот континент во 2034 година, ако се знае дека уште десет национални федерации изразија интерес за организација на шампионатот.

Покрај Македонија, кандидати за организација на ЕП 2034 се и Австрија, Хрватска, Данска, Луксембург, Холандија, Србија, Словенија, Шведска и Турција. Рокот за доставување писма со интерес до ЕХФ истече во средата, по што стана познат списокот на потенцијални домаќини за континенталниот шампионат.

Како што е познато, Македонија веќе има договор со Србија и Словенија за заедничка кандидатура. Според првичниот план, две групи од Европското првенство би се играле во Македонија, додека завршната фаза би се одржала во Белград.

Трите земји со богата ракометна традиција ги здружија силите со јасна амбиција заеднички да бидат домаќини на еден од најголемите настани во европскиот ракомет.

Европско првенство во 2034 година е предвидено да се одржи од 10 до 29 јануари, а заинтересираните федерации имаат рок до 1 март следната година да достават официјални понуди.

Се вчитува...