Македонија конечно во вистинско светло – Убедлива победа над Алжир на стартот на „Президент купот“

Ракометната репрезентација на Македонија стигна до првиот триумф на Светското првенство во Полска и Шведска, откако во воведното коло од „Президент купот“ славеше против репрезентацијата на Алжир со 40-25.

Избраниците на Кирил Лазаров очигледно кога се без притисок играат далеку подобро, па и покрај тоа што игравме против најслабиот противник досега, Македонија одигра одличен меч против тим кој не изгуби така убедливо од Катар во првата групна фаза, репрезентација која денеска одигра егал меч против Холандија.

Натпреварот почна со тврда игра на двете страни и за разлика од групната фаза бевме многу повнимателни во нападот и подолго време поминувавме во офанзива. Сепак, техничките грешки и големиот број промашени „зицери“ повторно беше наше обележје на стартот на мечот, па по седум минути игра резултатот изнесуваше 2-2.

Следуваше исклучување за Алжирците, па ние со одлична серија успеавме по десет минути игра за првпат да стигнеме до плус четири (6-2). Во овој период одличен на голот беше Никола Митревски кој забележа пет интервенции. Петнаесет минути ни беа потребни за првпат да стигнеме и до плус пет (9-4) по голот на Младеновиќ.

„Црвено-жолтите“ продолжија да го газат противникот, па во 24. минута стигнаа и до плус шест (14-8) по кои селекторот на Алжир беше принуден да го повика првиот тајм-аут. Залуден беше тајм-аутот на Алжирците, бидејќи нашите ракометари продолжија со одличната игра предводени од Никола Митревски со седум одбрани, со неговиот прв погодок во 28. минута веќе имавме и плус девет (18-9).

Во второто полувреме продолживме во ист ритам, а со првиот гол на младиот пикер Марко Стојковиќ, Македонија во 37. минута за првпат стигна и до двоцифрена предност од 23-13. Тоа што го правеа нашите противници во групата, ние го правевме против Алжирците, искорисутвајќи ги нивните грешки и со лесни голови на празен гол во 55. минута стигнавме и до плус петнаесет (36-21).

Во продолжение мечот рутински го доведовме до крајот за конечни 40-25.  Жарко Пешевски со седум гола беше прво име во нашиот табор, додека кај Алжирците по четири гола постигнаа Абди и Дау.

Се вчитува...