Македонија на чекор до прво место: Гранитната одбрана не и даде никаква шанса за Норвешка во Гевгелија

Македонската кошаркарска репрезентација е на добар пат да го освои првото место во групата за претквалификациите за Евробаскетот 2025 откако во третиот натпревар славеше убедливо против Норвешка со 58-36. Норвежаните во Гевгелија пристигнаа како непоразени, но нашите репрезентативци денеска беа на врвот на својата задача.

Добрата одбрана во најголемиот дел од мечот го сопре течниот напад на скандинавците кои немаа отворени обиди за три поени па не реализираа ниту еден од 20 обиди. По 30. минути игра гостите сеуште ја немаа надминато гранцата од 30 постигнати поени, а контролата на скокот не донесе поени од втора шанса за комотна победа од огромно значење.

Отварањето на натпреварот беше во знакот на одбраните па првите двоцифрени поени беа постигнати на крајот на шестата минута, а во оваа игра подобро се снајде Македонија. Добрата одбрана над Фреј го сопре нападот на противникот, а предноста која ја креираше Шортс знаеја да ја искористат „црвено-жолтите“ кои поведоа со 16-11 по првите десет минути. Македонија не успеа да ги преслика напаѓачкиот ритам на отварањето на втората четвртина, но враќањето на Шортс го консолидира нашиот напад. Одбраната продолжи да биде на ниво, контролата на скок играта не дозволи поени од втора шанса па нашите репрезентативци поведоа и двоцифрено, а убедливата предност ја задржаа до крајот на првото полувреме за 34-18.

Второто полувреме започна во знакот на Норвежаните кои со играта во рекетот и добрата одбрана експресно успеаја да ја сведат негативата на 34-25, но како што одминуваа минутите избраниците на Јончевски ја консолидираа играта. Преку Војдан и Крстевски, Македонија успеа да стигне до изградени напади за највисоките 42-25, а високата предност ја задржа и до крајот на третата четвртина (45-29). Одличниот ритам на „црвено-жолтите“ продолжи и во последните десет минути во кои со серијата на тројки на Крстевски и Робев, Македонија стигна до предност од 51-30 со што стави крај на мечот.

Војдан Стојановски и Бојан Крстевски беа лидери на нашиот тим со по 14 постигнати поени на кои крилниот центар додаде и 10 скока, а бекот 3 асистенции. Одлично деби имаше и Ти-Џеј Шортс кој постигна 8 поени и 8 асистенции.

Се вчитува...