Македонија не ни заслужува Евробаскет – очајна игра и убедлив пораз од Русија

Македонија го претрпе и четвртиот пораз во низа во квалификациите за Евробаскет 2022, губејќи од домаќинот Русија со убедливи 94-77. За разлика од вчерашниот дуел со Италија, овојпат впечатокот беше катастрофален, повеќе од триесет минути дозволивме тотална доминација на противникот, а особено поразително делуваше борбата под обрачите, каде Русија имаше дури 45 скокови, наспроти катастрофалните 21 фатена топка на нашите кошаркари за 40 минути игра. Со вакво издание само се потврди дека Македонија нема капацитет за учество на Евробаскет 2022, иако шансите за такво нешто теоретски се уште постојат (триумф в недела над Италија, а потоа и двоцифрена победа на последниот меч в понеделник со Естонија).

Денешниот натпревар и покрај раната повреда на Дамјан Стојановски го почнавме сосема солидно, Вајли одлично иницираше неколку контранапади, капитенот Војдан Стојановски постигна две тројки во серија, со што одржувавме дури и минимално водство на мечот (17-16 во седмата минута). Сепак, неможноста на Крстевски да се носи со Баломбој во рекетот беше и повеќе од очигледна, Русите се повеќе доминираа во рекетот и ја презедоа контролата над мечот. Првата четвртина заврши со резултат 26-21, а потоа рускиот состав продолжи да доминира и од самиот почеток од вториот период. Тодоров набрзина зеде тајмаут, се обиде и со најразлични рокади, но не успеа да ги запре налетите на рускиот состав, кој делуваше доминантно пред се во скок-играта. Во нападот за разлика од првиот меч не профункционира ниту Димитријевиќ (два поени, 1/7 шут од поле), па Македонија сосема заслужено на одмор замина со преубедлива негатива од 51-33.

Проблемите се зголемија на стартот од второто полувреме, кога капитенот Војдан Стојановски набрзина стигна до четири лични грешки, па голем дел од третата четвртина на теренот ја мина Робев. Руските кошаркари рутински ја одработеа третата четвртина задржувајќи ги оние „плус осумнаесет од полувремето“ (72-54), по што Тодоров во последните десет минути реши да одмори дел од стандардните првотимци. Разликата се движеше околу дваесет поени, за на крајот овој натпревар да заврши со убедлива победа на домашната селекција од 94-77.

Војдан Стојановски со 18 поени беше прв стрелец на Македонија, 16 постигна Вајли, а Стојан Ѓуроски и Кристијан Николов го завршија мечот со по 11 поени.

Утре е слободен ден на турнирот во Перм, а Македонија потоа в недела ќе го игра и вториот натпревар против селекцијата на Италија.

Се вчитува...