Македонија покажа карактер, но на крајот сепак загуби од Тунис

Македонската ракометна репрезентација го претрпе и четвртиот пораз на СП 2023, прв во рамките на Президент купот во Плоцк откако избраниците на Кире Лазаров загубија од Тунис со 27-33. Нашите ракометари покажаа карактер, се вратија по слабиот старт на мечот, за момент имаа и водство во вториот дел, но немаа сили да го издржат темпото што го наметнаа и на крајот го загубија овој интересен натпревар.

Нервозниот старт придонесе да почнеме со неколку грешки во нападот, а Тунис го искористи тоа за веќе во четвртата минута да победа со 4-0, принудувајќи го Кире Лазаров уште во раната фаза на мечот да побара тајмаут. Ѓоргиев влезе во игра на местото на индиспонираниот Филип Кузмановски, а првиот гол за Македонија на овој натпревар го постигна Гоце Георгиевски од контранапад, за намалување на водството на противникот на 1-5. По десет минути игра резултатот гласеше 3-7, откако не искористивме два напади со играч повеќе, а Лазаров го повлече од игра Георгиевски по два промашени обиди од крилната позиција. Изнудениот пенал и исклучување од Серафимов овозможи да постигнеме два гола преку Манасков (едниот од седум метри, вториот во празна мрежа) и да намалиме на 5-7, резултат при кој не реализиравме напад за уште повеќе да се приближиме резултатски.

Митревски влезе во серија одбрани, помагајќи повторно од четири да се спуштиме на два гола негатива (7-11, па 9-11). Иако повторно се најдовме во четири гола негатива, овојпат Филип Кузмановски покажа карактер и повлече, со три гола за неколку минути намалувајќи на 14-15, принудувајќи го тунискиот селектор на тајмаут на четири минути до крајот на полувремето. Во следниот напад Македонија имаше и напад за израмнување, но Никола Маркоски од зицер од контранапад ја погоди само гредата. Тунис до крајот успеа да постигне уште еден гол, на одмор заминувајќи со резултат 14-16.

Вториот дел донесе далеку подобро издание на македонската репрезентација, откако со погодоците на Серафимов и на Петар Атанасијевиќ „црвено-жолтите“ стигнаа до првото водство на мечот (18-17). Во 40. минута резултатот гласеше 20-19 за Македонија, но кога требаше да се продолжи со сигурното темпо во нападот уследија грешки на нашите ракометари, што Тунис го искористи за да поведе со 21-23. Лазаров побара тајмаут на половина од второто полувреме, по што Македонија тргна со „седум на шест“ во нападот. Кузмановски беше без идеја и со играч повеќе, па ја загубивме топката, по што противникот лесно реализираше за 21-24.

Во клучните моменти кога се обидувавме да се вратиме во пресрет на противникот му излегоа судијките, кои со неколку одлуки на штета на нашата репрезентација им помогнаа на Тунижаните да поведат со 23-27. Македонија немаше сили за камбек во завршните десет минути, a  Тунис го искористи тоа за уште повеќе да ја зголеми предноста и да триумфира со конечни 27-33.

Филип Кузмановски и Дејан Манасков со по седум погодоци беа најефикасни во таборот на Македонија, додека по три погодоци постигнаа Талески и Костески.

Се вчитува...