Раул пред мечот против ‘своите Шпанци’: „Да бидам искрен, ќе биде чудно, МНОГУ ЧУДНО…“

ЕКИПА на ЕП во Хрватска

Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонските ракометари го завршија првиот дел од ЕП во Хрватска без пораз и пренесуваат три бода во главната фаза во Вараждин. „Повеќе од очекуваното“ – ќе рече селекторот Раул Гонзалес по трите натпревари без пораз.

Ракометарите вчера од Загреб се преселија во Свети Мартин во близина на Вараждин и имаат три дена во мир и тишина да се подготват за неделниот дуел со Шпанија.

Првиот натпревар од втората фаза ќе биде посебно интересен поради врската меѓу овие две селекции. Во составот на Шпанија се актуелниот и поранешниот бек на Вардар, Жоан Канелјас и Алекс Душебаев, а на македонската клупа се поранешните шпански репрезентативци, селекторот Раул Гонзалес и неговиот помошник Роберто Гарсија Парондо.

Чудно, чудно, ќе биде многу чудно. Имаат добра репрезентација, имам многу пријатели таму. Но, јас сум многу среќен. За мене е најголем успех да играм против Шпанија, а сега ние сме пред нив и за нас ова ќе биде како финале. Ама сега треба да одмориме, да се подготвиме и добро да почнеме и во Вараждин“ – вели со насмевка Шпанецот на македонската клупа.

Раул ни откри дека Шпанците, посебно нашите вардарци со нетрпение го чекаат дуелот со Македонија и дека и од едната и од другата страна на тоа се гледа како натпревар меѓу стари пријатели, без разлика што тоа е дуел кој на Македонија може да биде чекор поблиску до европско полуфинале.

„Шпанската екипа има многу добри играчи, многу сакаат да ја гледаат Македонија. Некои од нив играат кај нас и добро се познаваат со македонските ракометари. Јас знам кога разговарам со нив дека со нетрпение го очекуваат натпреварот со Македонија, затоа што чувствуваат дека играат против пријателите. Мислам дека ќе биде многу интересно“ – најавува Раул Гонзалес.

Македонско-шпанската пресметка на ЕП во Хрватска, е интересна и за шпанските медиуми. Раул Гонзалес во своето селекторско деби бележи извонреден успех, а македонската репрезентација е најпријатното изненадување во досегашниот тек на шампионатот.

„Новинариоте од Шпанија ми се јавија сите. Сакаат да знаат за нашата репрезентација, за играчите, прашуваат за се. Добра ситуација за сите, па ќе видиме како ќе биде. Тешко е, но јас мислам дека кога имаш мотивација и се оди според планот оди добро, подобро отколку што мислевме. Сега ние сме на првото место што е многу важно затоа што може да одмориме пред дуелите што не очекуваат во следната фаза. И овие 3-4 дена ќе бидат многу добри за нас“ – вели шпанскиот стратег кој е на прагот да направи уште едно чудо по она од Келн со Вардар.

Во свој мирен стил, Раул Гонзалес вели дека не го плаши притисокот ниту го оптеретува тоа што со Македонија ќе игра против својата Шпанија.

Треба да знаеме кои сме ние и треба да играме така како што играме. Притисокот е ист. Првиот натпревар никогаш не знаеш што можеш да очекуваш. Но, потоа одигравме добро со Словенија, се чувствувавме многу добро. Потоа против Црна Гора, имавме проблеми во првото полувреме, но потоа одигравме многу добро. И против Германија знаевме дека мора да го победиме притисокот. Знаевме дека тоа е нашата шанса и дека можеме да одиграме многу добар натпревар. Ние одигравме супер, со голема мотивација. Сега имаме шанса да играме полуфинале. И зошто да не, ама ќе биде тешко. Јас мислам дека треба да се фокусираме на Шпанија, па после ќе видиме. Шпанија има добра репрезентација, некои од најдобрите играчи во светот и ќе биде тешко. Секогаш е тешко на вакви натпреварувања, но, ако сакаш да успееш, мораш да направиш чудо“ – ни објаснува селекторот, кој со својот македонски е вистински медиумски хит на ова ЕП.

Не ја открива тактиката за Шпанија, но игурно е дека во својата тактичка генијалност и за неделниот натпревар, ќе извади нешто неочекувано од македонската репрезентација.

„Не можам да кажам ништо за тоа. Но, секогаш треба да се анализира се. Во Германија не се игра никогаш 5-1, ние игравме тоа. Знаеме дека треба добро да се подготвиме и за оваа одбрана и да одиграме. Испадна се многу добро, Борко беше фантастичен на голот. Што ќе правиме против Шпанија, не знам. Зошто вистината е дека јас досега не гледав ништо, сега треба да се подготвуваме“ – тактички одговара Раул Гонзалес.

Натпреварот Македонија – Шпанија е во недела (20.30 ч) во Вараждин и за македонската репрезентација ќе биде прв од главната фаза во која на патот до посакуваното полуфинале ни се уште и Чешка и Данска.

Се вчитува...