Македонија со „меч топка“ против Украина за пласман на ЕП 2018

Машката ракометна репрезентација на Македонија, денеска (18 ч.) во Суми и гостува на Украина во претпоследниот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска. За ракометарите ова е прва меч топка да го решат пласманот на европскиот шампионат пред последното коло во кое ја пречекуваат Чешка во Скопје.

Во изедначената група 4, ниедна репрезентација досега нема победа на гостински терен. По вчерашниот триумф на Чешка против Исланд (27-24), македонската репрезентација со победа во денешниот дуел против Украина, го обезбедува најмалку второто место во групата и пласманот на ЕП во Хрватска.

Сепак, од македонската репрезентација истакнуваат дека фокусот мора да биде на играта, а не на „математиките“ во групата и дека главната цел е да се победи Украина во денешната пресметка.

Јас лично мислам дека не треба да ги гледаме другите репрезентации и треба да се фокусираме на нас и на нашата игра. Да, резултатот Чешка-Исланд ни оди во полза, но сето тоа би било залудно доколку ние денес не го добиеме натпреварот. Така што, мислам дека мора да одиграме многу поквалитетно од она што го одигравме во Исланд  доколку сакаме да славиме денеска. Ваквите натпревари кои имаат предзнак „само“ да победиме денеска и пласирани сме на ЕП, носат и одреден притисок. Ние мора да сме подготвени на се доколку сакаме победа на теренот на кој ниедна репрезентација од нашата група нема победено во гости. Ние сме подготвени за големи работи, но тоа треба да го докажеме на терен“ – вели голманот на македонската репрезентација Борко Ристовски кој по враќањето во националниот состав, беше еден од клучните играчи на двата претходни натпревари со Исланд.

Од соствот со кој што селекторот Раул Гонзалес отпатува во Украина, на теренот денеска нема да се појави бекот на Металург, Марко Нелоски.

Во првиот натпревар со Украина во Скопје, македонската репрезентација славеше победа со 27-21. „Црвено-жолтите“ во овој квалификациски циклус за ЕП 2018, на домашен терен го победија и Исланд (30-25). На двете досегашни гостувања, Македонија имаа два порази, убедлив од Чешка во Плзен (35-28) и минимален од Исланд во Рејкјавик (30-29).

На едно коло пред крај Чешка е во водство со шест бода од пет натпревари, Македонија и Украина имаа по четири бода од четири натпревари, а Исланд е последен со четири бода од пет натпревари. Во последното коло в недела, Македонија ја пречекува Чешка, а Исланд е домаќин на Украина.

Пласман на ЕП 2018 во Хрватска обезбедуваат првите две селекции од секоја од групите и најдобрата третопласирана селекција во целиот квалификациски циклус.

Се вчитува...