Македонија со победа над Луксембург до билет за финале на ЕХФ-шампионатот

Ракометарите на Македонија до 18 години ќе играат во финалето на ЕХФ шампионатот во Рига, Летонија. Со денешниот убедлив триумф над Луксембург од 32-22, „црвено-жолтите“ запишаа вкупно четири победи и сосема заслужено се најдоа во нокаут рундата, а целите се највисоки.

Момците на Раде Стојановиќ одиграа уште еден доминантен меч, па уште на стартот направија брза предност од три гола разлика, која во текот на дуелот постојано ја зголемуваа и одржуваа. Во ниту еден момент не дозволија доближување на противникот, па на пауза се замина со шест гола предност, 15-9.

Вториот дел мина во рутинска игра на „црвено-жолтите“, кои знаеја како да ја зголемат уште повеќе својата предност и на крајот да обезбедат триумф со убедливи десет гола разлика. Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Славчо Шулески со десет гола и Александар Петковски со седум погодоци.

Противникот на Македонија ќе се дознае по второто полуфинале меѓу Швајцарија и Летонија. Победниците в недела ќе играат во големото финале од 16.00 часот. Освојувањето на првото место на овој ЕХФ шампионат е многу важно, бидејќи носи пласман на следното Светско и Европско првенство за кадети.

Се вчитува...