Македонија со убедлива победа над Турција го стартуваше ЕХФ-шампионатот

Македонските ракометари до 18 години со убедлива победа над Турција (34-20) го стартуваа ЕХФ-шампионатот во Рига.

Ибраниците на Раде Стојановиќ уште на самиот старт обезбедија брза предност од три гола, резултат кој постојано го негуваа и чуваа, но истовремено и зголемуваа. Турците постојано се обидуваа да притиснат и да се доближат, а тоа им успеа само во еден момент кога намалија на 6-5. Сепак, нашите ракометари не дозволија изненадување, брзо ги неутрализираа противниците и го подобрија ефектот во нападот и одбраната. Ваквиот пристап кон играта им ја донесе и најголемата предност на мечот во првото полувреме, 13-7, а на пауза се замина со резултат од 15-10.

Во вториот дел Македонија уште еднаш ја покажа својата супериорност. Овојпат „црвено-жолтите“ на терен излегоа со уште поголема самодоверба, која донесе брза голеада и речиси целосно откажување на противникот уште во 40. минута. Македонија во еден момент дојде и највисоките плус петнаесет, 31-16. До крајот на мечот нашите ракометари одиграа доминантно и целосно убедливо, успевајќи да ја запишат првата победа на овој турнир. Во нашиот табор се истакна Александар Петковски со десет погодоци, додека Брестовац блесна со 18 голмански интервенции.

Следен противник на Македонија ќе биде Косово веќе утре со почеток од 13.00 часот.

Победите на ЕХФ-шампионатот се многу значајни за оваа генерација, а причината е наградата која ја носи првото место, во конкуренција на уште шест земји учеснички во Рига. Освен пехар, тоа носи и учество на Европското првенство за оваа генерација во 2024 година (У-20) и на Светското првенство до 19 години идното лето.

Првите две места од двете групи одат во полуфинале (на 13 август), а финалето е ден потоа.

Се вчитува...