Македонија вечерва ќе се пресмета со Грција во футсал

Македонската футсал репрезентација вечерва (20 часот) го почнува настапот на претквалификацискиот турнир за пласман во елитна рунда квалификации на Светското првенство. Во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“, Македонија ќе ги одмери силите против Грција. Утре следи дуелот против Сан Марино, а во третото коло ќе се соочи со футсал – селекцијата на Албанија.

Капитенот Зоран Левески верува дека Македонија ќе ја оправда фаворитската улога на турнирот во Скопје и ќе се пласира во следната квалификациска фаза.

„Македонија е фаворит на овој турнир во Скопје и ќе се обидеме таа улога да ја оправдаме. Уште повеќе затоа што првото место во групата носи пласман во втората квалификациска рунда која се игра во Украина, против домашната селекција, Словенија и уште една репрезентација која ќе избори место преку предквалификациски турнир. Сметаме дека „украинскиот пат“ е далеку подобар за нас, отколку групата на која домаќин е Романија и кадешто Казакхстан е апсолутен фаворит. Во однос на нашиот дел од работата за претстојниот турнир, сметам дека треба да отвориме со победа против Грција, која реално е послаба селекција, Сан Марино е аутсајдер, додека клучен за првото место би требало да биде дуелот против Албанија. Иако според рејтинг се послаби од нас, треба сериозно да ги сфатиме бидејќи имаат квалитетни играчи, двајца во италијанската втора лига, но се надевам дека ќе одиграме зрело и организирано и ќе стигнеме до зацртаната цел, а тоа е прво место во групата“, изјави Левески.

Од 17.30 часот се среќаваат Албанија и Сан Марино.

Се вчитува...