МАКЕДОНИЈА ВО 2022 ГОДИНА: Од еуфорија и историја во Италија, до разочарувањa и порази од Бугарија и Азербејџан

Заврши уште една година за македонската фудбалска репрезентација. Можеше да биде многу поинаква, многу поуспешна, но Португалија застана на патот на нашиот сон за Мундијалот во Катар, а потоа стигна и падот и лошите резултати во Лигата на Нации, кои завршија со домашен пораз од 123-тата светска селекција Азербејџан.

Не боли толку поразот од Азербејџан, колку што боли фактот што репрезентацијата е во голем резултатски пад. Мотив како да недостасува, иако и се очекуваше емотивен пад по оној феноменален март, како и на сите да им стана јасно дека врвот беше достигнат со победата над Италија и пласманот во историскиот финален бараж против Португалија што е најголем успех во историјата на македонскиот фудбал. Па, потоа дојде и поразот од Грузија дома, со што нашите шанси за пласман на ново Европско првенство од Лигата на Нации во голема мера се намалија.

Стигна и ждрепката за квалификациите за ЕП 2024, а после дознавање на противниците, мора да бидеме реални и така да пристапиме кон тоа, дека шансите за првите две места се сведени на минимум. Секогаш треба да се верува, ама треба да се биде и реален дека во група со Италија и Англија, па и каква историја да имаме со нив, ќе биде исклучително тешко да се обезбеди нов успех.

Селекторот Благоја Милевски ќе мора да најде начин како да ја врати мотивацијата кај фудбалерите, иако јасно е дека силни селекции како Англија и Италија сами по себе за секого се мотив. Но, и факт е дека само преку силни натпревари се билда формата, искуството, а позитивен резултат секако силно ќе одекне, како што одекна и во Палермо во март.

Ако 2022 година се погледне од статистички агол, имавме одличен почеток на годината, и лош финиш. Почеток од соништата, победа во Палермо над европскиот првак Италија, и македонската бајка продолжи на „Драгао“ во Португалија. Знаевме дека Македонија ќе биде емотивно потрошена од големиот триумф на „чизмата“, но исто така знаевме дека играчите ќе се борат до последна капка пот за да донесат историја. Роналдо и другарите беа пресилни, па за нас остана само да сонуваме за Мундијал.

Очекувавме и посакувавме да продолжиме во ист стил, и преку Лигата на Нации да бараме нова шанса, но после Португалија почнаа и проблемите и резултатскиот пад. Стигнаа дуелите во кои игравме добро, не бевме надиграни од никого, а „коцкавме“ бодови. Така беше и со Бугарија на гости во Разград, каде одигравме само 1-1, и покрај тоа што ги надигравме нашите источни соседи. Следуваше лесната победа над Гибралтар на гости од 0-2, а потоа и домашен меч со Грузија. Токму тој дуел беше клучен, а триумфот на Грузјците од 0-3 во Скопје ги однесе на чекор од првото место. Гибралтар лесно го решивме дома со 4-0, а клучно беше поразот од Грузија од 2-0. Факт е дека игравме, ги надигравме, но на крајот Грузијците ставија „печат“ на првото место. Најболен, се чини, беше поразот од Бугарија. Бугарите со победата во Скопје само го собраа гневот на публиката, од добро познати причини, а на репрезентацијата и ја продлабочија кризата која беше евидентна и на последните три контролни меча.

„Домашна селекција“ замина на неофицијална контрола со Саудиска Арабија и беше поразена минимално. И игравме навистина добро според сите информации, ама без резултатски успех. Исто беше и против Финска и Азербејџан. Играчки со Финска ни најмалку не бевме лоши, но она што се случуваше во одбраната беше алармантно, па Финците направија најмалку пет чисти шанси, од кои рализираа само еднаш. Македонија проблемите во одбраната ги покажа и со Азербејџан, селекција која имаше далеку помалку шанси, а на крајот даде три гола. Нашата нереализација и натаму продолжи, и со исклучок на двата пенали на последните два меча, гол од игра немаме постигнато уште од јуни против Гибралтар.

Во просек кога ќе се собере, точно дека избраниците на Милевски имаа проблем со реализација, и постигна 10 голови, од кои шест беа против Гибралтар, но она што е алармантно е што освен на двата меча со Гибралтар и тој со Италија, не успеавме да ја сочуваме мрежата на другите мечеви. Така Македонија постигна 0,9 голови во просек по натпревар, но прими 1,2 голови. Односно на 11 меча селекцијата даде 10 гола, а прими 14.

Сега следува пауза од четири месеци, пауза која не може да биде искористена за играње, но секако ќе се бара вистинското решение за подготвени да влеземе во квалификациите. А, таму дефинитивно приказната, од многу аспекти, ќе биде да веруваме многу поразлична од овие два тест дуели. Затоа што јасно е дека селекторот Милевски и овие момци кои ја израдуваа Македонија во март не заборавиле фудбал за неколку месеци. Но, факт е дека можеби е неопходно на предизвикот повторно да му погледнат во очи со сето свое фудбалско срце.

Енис Барди со четири гола беше најефикасен во нашата селекција, додека по еден постигнаа Трајковски, Милан Ристовски, Николов, Миовски, Чурлинов и еден автогол.

Се вчитува...