Македонските одбојкари, по вчерашниот пораз од Финска, загубија денеска и од селекцијата на Словачка на првиот турнир од Златната Европска лига на ЦЕВ, кој се играше во Братислава.
Националниот тим повторно загуби со максимални 0-3 и денеска од Словаците, иако низ далеку поизрамнет натпревар, по сетови 21-25, 22-25 и 23-25. Сепак, противниците знаеја да ги искористат нашите грешки во самиот финиш на сетовите па да дојдат до заслужена победа.
Попладнево во „Гопас Арена“ во Братислава тимот на селекторот Јошко Миленкоски понуди подобра игра од првиот дуел со Финска, како во полето, така и на мрежата. Пруживме посилен отпор во сите три сета, а нијанси пресудија во корист на противникот.
Во третиот сет шанса добија и Ефтим Ричлиев како организатор на играта и Ване Арапов како либеро, кои внесоа свежина во играта. Македонија беше константно во игра, но во клучните моменти не го задржавме фокусот и тоа беше пресудно.
Капитенот Никола Ѓоргиев со 17 поени беше лидер на екипата, додека Александар Љафтов го следеше со 10 поени, а Филип Савовски реализираше осум.
Репрезентацијата утре попладне се враќа во Струмица, а веќе в среда патува за Рига, каде го игра вториот турнир од ЦЕВ Европската Златна лига, со нови два меча, против домаќинот Летонија и против Грција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА