Машката репрезентација на Македонија загуби со 3:0 (25:20, 25:15, 25:19) од Финска во Братислава во првиот натпревар од годинешното издание на ЦЕВ Европската Златна лига. Со денешната победа Финците ја продолжуваат позитивната серија во меѓусебните пресметки.
Нашите одбојкари влегоа мотивирано во дуелот предводени од Александар Љафтов и бевме во игра се до средината на првиот сет. Разликата ја направија техничките грешки кои ги имавме во овој период од играта, најмногу од сервис, но и фактот дека не успеавме да најдеме решение за средните блокери на Финска, кои делуваа незапирливо на мрежата. Со 25:20 го загубивме првиот сет.
Во вториот тргнавме лошо од стартот со 1:4, односно 7:10. Се обиде селекторот Јошко Миленкоски со ротација на играчи да направи промена во играта, но не бевме стабилни во играта во поле, па противникот се одлепи на 11:17. Ниту двата тајм-аути не вродија со плод, а Финска рутински стигна до 25:15 и предност од 2:0.
Силен отпор понудија македонските одбојкари во третиот сет и поен за поен се играше се до 14:14. Стојан Илиев се покажа како убаво освежување во поставата. Сепак, не можевме против одличната игра на мрежата на Финска и нивниот блок (вкупно 12). До победа од 3:0 Финците дојдоа со 25:19 во последниот сет.
Капитенот Никола Ѓорѓиев го заврши мечот со 12 поени, еден помалку освои Александар Љафтов, додека Филип Савовски имаше седум, а Илиев постигна пет поени.
Македонија првата победа во ЦЕВ Европската Златна лига ќе ја бара утре, кога во 15 часот, во „Гопас“ арената во Братислава ќе се соочи со домаќинот на првиот турнир Словачка, која исто така со 3:0 загуби од Финска во петокот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА