Македонската атлетика на дното, Крсто си ја чува функцијата со ‘подароци’ членство во ИО на АФМ

Претседателот на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), Крсто Серафимовски, го „преживеа“ гласањето за (не)доверба на последното Собрание на АФМ кое се одржа изминатиов викенд. И покрај тоа што од претходно тлее огромното незадоволство меѓу домашните атлетски работници од работата на АФМ изминативе години како и состојбата во која е донесена македонската атлетика, на крајот со „купи-продај пазарот“ Серафимовски си остана на чело на федерацијата.

За негово останување на функцијата гласаа 11 делегати а против беа девет. И покрај тоа што незадоволство од работата на Серафимовски изразија едни од најдобрите македонски клубови, АК Работнички, АК Пролет, АК Лирија, АК Скок, АК Ендуранс, АК Најк Клуб Ран, АК Велес, АК Тиквеш и АК Шри Чин Мој сепак, како што информираат, во последен момент се предадени од два клуба кои претходно, пак, беа едни од најгласни во битката против Серафимовски. Но првиот човек на АФМ мирот уште некое време си го „купи“, интересно, со вметнување на дел од досегашните негови најголеми критичари како нови членови во Извршниот одбор на АФМ.

Нови членови на ИО на АФМ е Игор Јакимовски како и претставник од АК Делта, клуб кој искажа поддршка на Серафимовски на последното Собрание, но ден потоа една од најдобрите македонски атлетичарки, членка токму на Делта, Адријана Поп Арсова искажа во јавноста огромно негодување од работата на АФМ притоа бојкотирајќи го и изборот на најдобрите атлетичари за 2018, во која таа, и покрај резултатите, не беше сместена. За најдобра атлетичарка беше прогласена Дрита Ислами.

„Не присуствував затоа што наместо да бидам наградена за постигнатото во 2018 година, јас бев само пофалена. Зошто не им се доволни моите пет рекорди и мојот напредок и фактот дека сум прва македонска атлетичарка со време под три часа во маратонска трка?“ – вели меѓудругото Поп Арсова во изјава за „Независен“.

Револт за „предавството“, како што велат, од досегашните истомисленици кои се „продале“ за членство во ИО има кај клубовите кои гласаа за недоверба на Серафимовски, но потенцираат дека нивната борба за подобрување на состојбите во македонската атлетика ќе продолжи на чесен начин и со „образ“ кои некои го немаат…

„Во апсолутно неверување го напуштивме Собранието на АФМ. За што не продадовте? Самите себе си за што се продадовте? Ако сериозно барем имате личен интерес, па да речам ОК. Ама еве денес гледам од вашата атлетичарка како изјавува пак дека е незадоволна од претседателството. Кој кого лаже тука? Па вчера, само што кренавте црвено знаменце, ти девојко и твојот клуб веќе денес се предомисливте? Кога пред пет-шест години јас како актуелна рекордерка со десетина рекорди и кој знае колку шампионски титули ве молев да ме поддржите мене и мојот клуб, дека и вие еден ден ќе дојдете на мое место и ќе ви биде криво, вие си свиркавте, се правевте паметни, мудро си молчевте, ми фаќавте сеир, ми се смеевте? Ни се смеевте и вчера на Собрание? Зашто денес се буниш ма девојко? Вие од Делта зашто денес се буните? Каде бевте бре вчера да кренете знаменце? Па како ќе ме погледнете утре во очи сите вие предавници? Како ќе го погледнете Кире во очи кога ќе сакате да трчате на маратон кај него? Како ќе го погледнете Иван во очи утре кога ќе сакате да трчате кај него во Охрид? Како ќе поминете покрај Кристијан и Рахман на стадион? Со која доблест?“ – реагираат од АК „Ендуранс“.

Се вчитува...