Македонската одбојкарска репрезентација ги дозна противниците за ЕП 2021

Македонската одбојкарска репрезентација ги доби противниците за Европското првенство во 2021 година, а според денешната ждрепка во Хелсинки, земја домаќин на нашите одбојкари ќе биде најпосакуваната Финска.

Македонија се најде во групата Ц што ќе се одржи во Тампере, а таму ќе не чекаат дуели со репрезентациите на Финска, Русија, Холандија, Турција и Шпанија. Како и во 2019, и овој најголем континентален настан ќе биде одржан во четири земји, а на него ќе настапат 24 репрезентации. Европското првенство во одбојка ќе стартува на 1 септември.

Покрај коорганизаторите Полска, Чешка, Естонија и Финска, ќе играат и најуспешните осум национални состави од последниот шампионат и 12 селекции кои ќе имаат привилегија да учествуваат преку квалификации, меѓу нив и нашата.

Инаку, „црвено жолтите“ се наоѓаат во Шлагелсе и ќе се обидат утре да се реваншираат на Данците за поразот што ни го нанесоа на домашен терен, претходниот викенд во Струмица. Македонија се надева на нови три значајни бодови во Европската сребрена лига, а натпреварот против Данска ќе стартува од 19 часот.

Се вчитува...