Македонската одбрана ги издржа жестоките налети на Белгија во првите 45 минути

ЕКИПА во Гент, Белгија
Горан Бошев

Белгија – Македонија 0-0 по првите 45. минути. Само една слика на теренот, Белгија игра, а Македонија со сите сили се брани од жестокиот притисок на Белгијците. Руди Гарсија се одлучи да излезе на терен без класична „деветка“, и тоа се покажа како грешно. Иако Белгија имаше неколку шанси за предност, сепак, македонската одбрана издржа пред белгискиот пеколен притисок. Избраниците на Благоја Милевски во неколку моменти, особено од 30 до 35 минута, се бранеше и со сите 11 играчи на 20-25 метри. Белгија и не направи некоја посериозна шанса. Се обидуваше на сите начини, со ниски, па со високи топки, со нафрлувања, но никако не можеше да се пробие македонскиот бедем после првото полувреме.

Првата шанса Белгија ја имаше на почетокот на 13. минута кога шутираше Де Бруине на една одбиена топка, но од блокот таа заврши само во корнер за домашната селекција. Втората закана од Белгијците дојде осум минути подоцна, по еден изведен корнер и волеј на Кастањ кој отиде само над голот.

Се играше 26. минута кога Белгија ја имаше најсериозната шанса. По голема мешаница на крајот Атанасов го изблокира ударот на Салемакерс, откако во истата акција беа изблокирани од македонската одбрана уште неколку обиди од домашните фудбалери.

Тросар во 30 минута по центаршут со глава ја зафати топката која за среќа отиде само над голот, иако играчот на Белгија беше во поволна позиција. Последната шанса во првото полувреме Белгија ја имаше на истекот на 45. минути кога Де Бруине шутираше крајно непрецизно.

Македонија единствената „закана“ ја имаше преку Атанасов, кој собра еден „отпадок“ и од 35 метри шутираше непрецизно и без проблеми кон голот на Куртоа.

Се вчитува...