Македонскиот бисер Лука Родолфо кој веќе ја освојува Италија: „Мојот сон е македонската репрезентација!“

Македонија има вистински фудбалски бисер во името на Лука Родолфо, актуелниот голман на Сампдорија, со позајмица на Салернитана кој веќе сериозно, со својот фудбалски квалитет, ги освојува Апенините.

18-годишниот Лука, чија мајка е од Македонија, од најмали години оди по стапките на својот татко, поранешен истакнат голман на Сампдорија. Фудбалската школа ја почнува токму во Сампдорија, и по три едноподруго години во младинскиот тим на Сампдорија каде бележи извонредни настапи, со дури 11 избори за најдобар голман на колото во младинскиот шампионат, во неколку наврат од Андреа Пирло, со само 17 години, е приклучен и на првиот тим на Сампдорија.

Но, Родолфо оваа сезона одбра да се соочи со нов предизвик. Во последниот ден од преодниот рок е позајмен на Салернитана со право на откуп. Во тимот на Салернитана веќе има можност да работи и со првиот тим јасно демонстрирајќи го својот неспорен потенцијали.

Како што пренесуваат италијанските медиуми, Родолфо имаше можност да ја продолжи кариерата и во редовите на Палермо или Ливорно, кои силно го посакувале во своите редови, како и во азискиот шампион Ал Аин, клуб од ОАЕ чиј тренер е легендарниот Хернан Креспо и кој инсистирал да биде доведен македонскиот голман. Но, на крај сепак пресуди желбата за силен раст во кариерата и минутажа во Салернитана и во сениорскиот тим на клубот.

Не крие дека неговиот сон е што побрз настап во првиот тим на Сампдорија, но и место во блиска иднина, најпрво во младата репрезентација на Македонија а потоа и во сениорскиот национален македонски состав.

„Мојот сон е секако настапот за македонската репрезентација“ – вели Лука, кој во минатото беше повикан и за настап во младата селекција, но поради болест отпадна во последен момент, сега очекувајќи го повикот за следните први собири.

Како што го анализираат италијанските фудбалски стручњаци кои го следат неговиот развој, Родолфо се издвојува од соиграчите со своето лидерство, начин на комуникација но и себеставање единствено во интерес на тимот, инспирирајќи се од неговиот идол, Мануел Нојер. Надвор од теренот, пак, никогаш не ја заборава поддршката од семејството, особено од неговата мајка, која го придружува и постојано го бодри во кариерата. Благодарение на нив тој успеа да го негува својот сон еден ден да го облече дресот на првиот тим на Сампдорија, клуб кој го чувствува како второ семејство и на кој е длабоко благодарен. Со Салернитана, Лука Родолфо сега се соочува со нов и стимулативен предизвик, со надеж дека ќе расте понатаму и ќе приближи на патот на своите соништа.

Се вчитува...