Македонските биатлонци бараат да продолжат да спортуваат под покровителство на Скијачката Федерација на Македонија

Седумнаесет спортисти кои имаат солидни резултати во категоријата биатлон потпишаа петиција во која најавија дека ќе се откажат од натпреварувањето во овој спорт. Причината за ваквата одлука е формирање на Биатлонска Федерација на Македонија од штотуку регистрирани клубови без никакви активности, надвор од Скијачката Федерација на Македонија, која е формирана во 1952 година за обединување на сите ски-спортови.

Македонските биатлонци кои се потписници на оваа петиција, реагираат на незаконскoто формирање на новата федерација и сметаат дека тоа ќе влијае негативно на развојот на овој спорт, како и на пласманот на спортистите на меѓународните натпреварувања. Оттука, тие најавуваат дека нема да се натпреваруваат во овој спрот, туку ќе продолжат да спортуваат во другите дисциплини на ски-спротовите под покровителство на Скијачката Федерација на Македонија, како единствен легитимен претставник на овие спортови и члeнка на меѓународните организации ФИС и ИБУ.

Спортистите кои се дел од оваа петиција, се членови на спортските клубови: „Фишер Крушево“, „Мирна Долина Маврово“, „Ски Рис“, кои се дел од Комитетот за биатлон при Скијачката Федерација на Македонија. Уписот на Биатлонската Федерација на Македонија во Централниот регистар на Република Северна Македонија е поништен од страна на второстепената државна комисија за жалби на 7 октомври 2021 година. Според сознанијата, позади таканаречената Биатлон Федерација на Македонија стојат лицата кои се дел од претходното раководство на СФМ.

„Скијачката Федерација на Македонија се залага за создавање на солидни услови за развој на спортот, па во таа насока продолжуваат заложбите за нивно постигнување, на транспарентен начин и во интерес на спортистите. Само преку обединети активности и во согласност со статутот и законите, како и со залагање од страна на сите спортисти, тренери, спортски работници и поддржувачи на спортот, можеме да обезбедиме подобри резултати на меѓународните натпревари и да создаваме соодветни услови за градење на спортска култура и љубов кај младите за зимските спортови. Поголема инклузивност и достапност на зимските спортови за сите е една од заложбите на Скијачката федерација на Македонија и затоа таа ќе работи и ќе се залага за обединување на сите љубители на овие спортови. Соработката со сите надлежни институции е исто така од големо значење, заради што ќе продолжиме со нејзино натамошно интензивирање“, истакна претседателот на Скијачката Федерација на Македонија, Огњан Циговски.

За ваквата ситуација е информирана и Интернационалната биатлон унија, чија членка е токму Скијачката Федерација на Македонија.

Со оглед на поддршката која и јавно, и по пат на давање на мислења, ја декларираше Агенцијата за млади и спорт во полза на ваквата Биатлонска федерација, Скијачката Федерација на Македонија испрати и допис до Агенцијата за млади и спорт на Република Северна Македонија, во кој се содржани сите аргументи поврзани со овој незаконски упис. Имено, иако во одредени земји постои посебна национална Биатлонска федерација, тоа е како резултат на постоење на засебни активни клубови кои имаат низа натпревари во рамките на овој спорт и во домашни и во меѓународни спортски натпреварувања во оваа категорија.

Во нaшата земја биатлонот се негува во постоечките ски-клубови кои се дел од Скијачката Федерација на Македонија. Со оглед на фактот дека сме мала земја, која има само неколку спортисти со врвни резултати и мал број на спортисти кои се занимаваат со зимските спортови, обединувањето, наместо разединувањето е формула за напредок и создавање на услови за развој, што е во интерес и на спортистите и на институциите кои се одговорни за развој на спортовите.

Се вчитува...