Македонските надежи во Скопје се борат за место во ракометната елита

Со пладневниот натпревар меѓу репрезентациите на Белорусија и Грција, во СЦ „Борис Трајковски“ стартуваше ЕХФ шампионатот за ракометари до 20 години што ќе се игра од денеска до 29 јули. Ова е натпреварување од Б дивизија на кое македонската младинска репрезентација има шанса на домашен терен да се бори за првото место кое носи влез во европската елита во оваа категорија.

На ЕХФ шампионатот во Скопје настапуваат 11 екипи поделени во две групи. Македонија е во групата Б заедно со селекциите на Велика Британија со која го игра првиот меч денеска, со Италија, Швајцарија и со Украина. Во групата А се селекциите на Белорусија, Фарски Острови, Финска, Грција, Естонија и Литванија.

Првите две репрезентации од двете групи ќе вкрстат во полуфиналето, а другите репрезентации ќе разигруваат за пласман. Победникот на ЕХФ шампионатот обезбедува пласман на младинското ЕП наредната година.

„Подготвени сме да одговориме на предизвикот што не очекува. Добро е што во првиот натпревар ќе играме против репрезентацијата на В.Британија. Ќе го добиеме овој натпревар, тоа е сигурно, но не очекувам ништо спектакуларно, бидејќи ова сепак е прв натпревар, прв пат играме на домашен терен и тоа секогаш носи дополнителен притисок, посебно кај младите играчи“ – истакнува селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац.

Натпреварот меѓу Македонија и В.Британија е со почеток во 20 часот. Влезот во салата е слободен.

Распоред на денешните натпревари:

Група А

10.00 ч: Белорусија – Грција

14.00 ч: Фарски Острови – Литванија

16.00 ч.: Финска – Естонија

Група Б

18.00 ч.: Швајцарија – Украина

20.00 ч.: Македонија – В.Британија

Се вчитува...