Македонските одбојкари денеска против Хрватска во Марибор: „Овој двомеч да не врати во форма“

Селекторот на машката сениорска одбојкарска репрезентација Јошко Миленкоски со 15 одбојкари е во Марибот каде викендов Македонија ги игра пријателските натпревари со Хрватска низ подготовките за настапите во ЦЕВ Златната Европска лига.

Со екипата не отпатува единствено средниот блокер Филип Маџунков, кој е на подготовките заедно со репрезентацијата, но истовремено чека и мала хируршка интервенција на десното колено, па селекторот Миленкоски одлучи да го поштеди за контролниот двомеч.

По една седмица напорна работа во Струмица, селекторот Јошко Миленкоски е задоволен од она што е досега реализирано, но потребно е да се подигне натпреварувачката форма, а контролните натпревари со Хрватска се токму со таква цел.

„Периодот е краток, но одработивме веќе 13-тина тренинзи, а веќе почнавме и со одредени тактички варијатни во нашите замисли имаме и одработени видео-презентации. Сè оди во најдобар ред! Она што посебно радува е самата атмосфера, мотивираноста и залагањето на сите играчи и тоа ветува нешто добро. Натпреварите со Хрватска кои ги играме викендов, се подготвителни и јасно е дека ние сме далеку од потребната форма. Некои од играчите имаа долго отсуство од одбојкарските терени затоа што завршија многу рано со нивните обврски во клубовите. Се обидуваме за краток временски период нешто да подобриме во нашата игра и да ги вратиме во потребната форма. Натпреварите со Хрватска ќе имаат таква задача, што побрзо да влеземе во ритам и да бидеме подготвени за почетокот на Европската лига. Првиот турнир во Европската лига можеби нема да бидеме во максималната форма, но како ќе минува времето треба да бидеме што подобри и подобри. На последниот турнир во Струмица треба да бидеме најподготвени за да постигнеме и некој резултат“ – вели селекторот Јошко Миленкоски.

Натпреварите ќе се играат во „Драш спорт“ центарот во Марибор, в сабота од 18 часот, односно в недела од 17 часот.

За Македонија двомечот со Хрватска ќе биде единствената проверка на силата во пресрет на годинешниот настап во ЦЕВ Европската Златна лига.

Се вчитува...