„Македонските Романци“ на специјална задача пред баражот

Машката ракометна репрезентација на Македонија вчера стартуваше, а од денеска комплетирана со Филип Миркуловски и Филип Талески, се подготвува пред баражот со Романија за пласман на СП 2019. Во тактичката подготовка пред баражот, од помош за селекторот Раул Гонзалес ќе бидат информациите „од терен“ од четворицата македонски репрезентативци што настапуваа во Романија – Никола Митревски и Велко Маркоски (Констанца), Гоце Георгиевски (ЧСМ Букурешт) и Златко Даскаловски (Темишвар).

Да, да, разговараме со играчите, секоја информација е корисна. Разговараме како играат, кој може кој не може да игра. Тешко се добиваа информација бидејќи Романија не играше на последните европски и светски првенства. Знам како тренира Паски, како игра Романија, и тие знаат како игра Македонија…“ – вели селекторот Раул Гонзалес.

Дел од атмосферата во Романија пред баражот со Македонија пренесува македонскиот голман на голот на Констанца, Никола Митревски.

„Уште откако беше ждрепката тие се надеваат, ама потајно. Не велат дека се аутсајдери, ниту пак дека се фаворити. Повеќе се подготвуваат некако во тајност. Во претходната ЕХФ-недела имаа пријателска средба со втората селекција на Романија и главно се држат доста затворени. Имаат солидна репрезентација, доста интернационалци и квалитетни играчи“- вели Никола Митревски.

Македонија првиот натпревар од баражот ќе го игра на 10 јуни во Скопје, а три дена потоа ќе и гостува на романија во Клуж. Романците веќе истакаа дека во реваншот гледаат меч на сезоната и огромна шанса за пласман на СП во Германија и Данска.

„Тоа со домашниот терен може да е, ама и да не е предност. Зависи како ќе заврши првиот натпревар од Скопје. Многу работи зависат од нас и од нашата игра. Тие имаат доста квалитени играчи, но досега се немаат покажано како целина. Двајца од главните играчи им се повредени, така што имаат мал хендикеп. Мислам дека немаат соодветна замена, ниту среден бек како Фенич, ниту лев како Шимику. Можеби тоа е наша мала предност, но сепак, не треба да се залетуваме, туку да одиграме максимално.Според тоа што го видов од играчите што се повикани на списокот, повеќето од бековите и пикерите се двометраши, така што би требало да очекуваме цврста одбрана и доста шутеви од дистанца, од бековите. Ние треба да се подготвиме и она што го играме да го одиграме како што треба“ – истакнува Митревски.

Првиот натпревар од баражот е в недела (20.15 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Реваншот е во среда на 13 јуни (18.30 ч.) во Клуж. Победникот од бараж-двомечот обезбедува место на Светското првенство што ќе се одржи во јануари наредната година во Германија и во Данска.

Се вчитува...