Додека тече Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико, ЕКИПА.МК низ краток серијал ќе ве потсети на единствените четири македонски имиња кои досега во историјата биле дел од мундијалите – Благоје Видиниќ, Кирил Дојчиновски, Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ!
Македонија, преку четири свои фудбалски имиња е присутна на три светски шампионати досега низ 96-годишната историја на Мундијалите.
На две светски првенства е присутна меѓу елитата од позиција на селектор. Прославениот наш голман, освојувач на олимписки медали но и европски вицешампион, Благоје Видиниќ, иако никогаш како фудбалер, беше дел од Светските првенства во 1970 и во 1974 година, како селектор на репрезентациите на Мароко и на Заир. Како играчи, пак, се разбира тогаш во дресот на поранешна Југославија, дел од најдобрите беа Кирил Дојчиновски на СП 1974 во Западна Германија, и Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ на СП 1990 во Италија.
Благоје Видиниќ – легендарниот голман на Вардар прв го од Македонија го почувствувал мундијалскиот дух!
Можеби за многумина ќе прозвучи зачудувачки меѓутоа Македонец е тој кој со златни букви е запишан во аналите на африканскиот фудбал. Благоје Видиниќ, почнувајќи го фудбалот од скопски Вардар, заврши, и ден-денес, како едно од најпочитуваните тренерски имиња кое успеа да го промовира фудбалот од Африка во светски рамки.
Името на Видиниќ и денеска се негува како икона за Африканците кои го сметаат за еден од промоторите на модерниот фудбал на својот континент. Афричкиот континент за прв пат со свое учество на светските првенства започна токму под палката на Видиниќ во 1970 година кога Мароко го одведе на шампионатот во Мексико.
Завршувајќи ја својата извонредна играчка кариера низ која, како репрезентативец на поранешна СФРЈ, се закити со вицешампионската титула на ЕП 1960 во Франција но и со сребрен медал од Олимписките игр во Мелбурн 1956 како и со злато од ЛОИ 1960 година во Рим, Видиниќ уште на 35-годишна возраст ја презема селекторската функција на Мароко. Веднаш им ја носи титулата-континентален првак, по што на СП 1970 година во Мексико, Мароко е првата селекција од Африка на која ФИФА и дозволува да биде регуларен партиципиент на шампионатите.
И веднаш уште на првото свое учество, Благоје Видиниќ е запишен како првиот селектор кој и носи мундијалски бод на Африка. Мароко, се разбира, не ги мина натпреварите по групи, меѓутоа максимално го привлече вниманието на фудбалскиот свет. Загуби од Германија (2-1) и Перу (3-0) а ремизираше со Бугарија (1-1).

По тој успех, Видиниќ во 1972 година ја презеде селекторската палка на Заир (денешна ДР Конго). И, сосема очекувано прогласен е за почесен граѓанин на оваа централноафричка земја откако веднаш успеа да обезбеди учество на Заир на СП 1974 година во Западна Германија. Во тие години, според форматот на ФИФА, од Африка на завршницата на светските собири може да учествува само една репрезентација. Заир на првенството во Западна Германија забележува три порази од Бразил (3-0), Шкотска (2-0) и оној убедливиот од поранешна Југославија (9-0).
Популарниот Бане по селекторувањето со Мароко и Заир во 1976 година ја презема и селекторската функција на јужноамериканската Колумбија по што во 1979 ја завршува и својата тренерска кариера, концентрирајќи се на семејниот живот во Франција, каде и го завршува својот животен пат на 29 декември 2006 година во Стразбур. Од 2000 година, забележан како еден од првите Македонци кои се закитуваат со олимписки медал, со посебно признание од Македонскиот олимписки комитет е впишан во друштвото на македонските олимписки великани.
Најдобар светски голман – освојувач на златен олимписки медал од ЛОИ 1960 во Рим
Покрај Благоје Видиниќ кој единствен од нашите фудбалери за закитил со два медали од Олимписки игри, и Милко Ѓуровски има медал од Летни олимписки игри, бронзениот од 1984 година во Лос Анѓелес.
Видиниќ, пак, во генерацијата на Милош Милутиновиќ, Јосип Скоблар, Драгослав Шекуларац, Милан Галиќ, Влатко Марковиќ, Фахрудин Јусуфи, Дражен Јерковиќ…, беше најзаслужниот за освоеното злато на СФРЈ на Олимписките игри 1960 година во Рим, кога во одлучувачкиот натпревар за пласман во финалната рунда со домаќинот Италија бранеше одлично за 1-1, а во финалето беше едноставно несовладлив при триумфот од 3-1 над Данска.

Македонскиот голман во 1960 година беше прогласен за најдобар светски голман откако стигна и до вицешампионската титула на Европското првенство во Франција. Тогаш во финалето во Париз, Југославија дури по продолженијата загуби од СССР со 2-1.
БЛАГОЈЕ ВИДИНИЌ (1934 – 2006)
КАРИЕРА: Вардар (1952-1955); Раднички Белград (1955-1961); ОФК Београд (1961-1964); Сион (1964-1966); Лос Анѓелес Торос (1967-1968); Ст. Луис Старс (1969)
ТРЕНЕРСКА КАРИЕРА: Мароко (1969-1972); Заир (1972-1976); Колумбија (1976-1979)
УСПЕСИ: ЕП 1960-Франција (сребрен медал); ОИ 1956-Мелбурн (сребрен медал); ОИ 1960-Рим (златен медал)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
