Максимов: Верувам дека во одлично светло ќе ги завршиме овие квалификации

Младата репрезентација на Македонија до 21 година на почетокот на јуни ќе ги одигра двата последни натпревари во рамките на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2023 што ќе се одигра во Романија и Грузија.

Во првиот дуел од јунските квалификации, во Скопје гостува незгодната селекција на Ерменија. Натпреварот од 9. коло во групата Х од квалификациите, Македонија и Ерменија ќе го одиграат на тренинг центарот „Петар Милошевски”, на 2. јуни, со почеток од 17. часот.

Еден од најдобрите поединци на Работнички во завршената сезона во ПМФЛ и фудбалер кој се очекува да блесне во дресот на младата селекција во следниот квалификациски циклус, Методи Максимов даде свое видување и анализа за претстојните предизвици на младиот национален состав.

– Оваа селекција на Македонија поседува квалитет, можевме да освоиме многу повеќе бодови, одигравме неколку меча под нашето ниво, реално можевме да се бориме за многу поголеми цели. Овој квалификациски циклус имаше и свои позитивни работи, одигравме неколку одлични натпревари, против незгодни селекции како Ерменија и Украина. На мечот со Ерменија постигнав погодок, а Македонија славеше победа, се надевам дека одличната игра на тој меч ќе можеме да ја повториме и на 2. јуни пред домашните навивачи. На натпреварот со Ерменија ќе пристапиме со една единствена цел, а тоа е победа на домашен терен. Мораме да бидеме максимално сконцентрирани во текот на сите 90 минути, да ја посакуваме победата и да се бориме за секоја топка. Тоа од нас го бара дресот со национален грб, се надевам дека ќе се претставиме во одлично светло и на вистински начин да ги завршиме овие квалификации. Се надевам дека на двата последни меча од квалификациите ќе одиграме најдобро како што знаеме и умееме.

Во првиот дуел од квалификациите, во рамките на групата Х, одигран во Јереван помеѓу овие две селекции, Македонија славеше победа со 2:1, благодарени на погодоците на Марко Ѓорѓиевски и Методи Максимов.

Се вчитува...