Малер: Крај на сезоната за Алиоски, „виси“ и за репрезентацијата?

Лекарскиот тим на Лидс Јунајтед во текот на денешниот ден ќе објави поконкретни информации околу повредата на Езгијан Алиоски, но првите прогнози се дека проблемот не е нималку наивен. Македонскиот репрезентативец настрада по само десетина минути игра на гостувањето против Брентфорд и мораше експресно да биде заменет, а според првичните информации станува збор за проблем со коленото.

„Не знам што точно е проблемот, но болката беше во коленото. Како што ми се чини повредата не е едноставна, но ќе оставиме лекарите да ја кажат деталната анализа“ – изјави Марсело Биелса на прес-конференцијата по натпреварот.

Ваков развој на настаните би бил сериозен удар за Лидс, кој по вчерашниот пораз останува со минимални шанси за директен влез во Премиер-лигата. Тимот на Алиоски ќе мора да игра плејоф за да разигрува за последното место во елитното друштво, а отсуството на Македонецот само ќе му донесе дополнителни главоболки на Биелса.

Во исчекување за официјални информации од Лидс е и македонскиот селектор Игор Ангеловски, кој многу лесно може да остане без помошта на Алиоски за претстојните две квалификациски средби, на домашен терен против Полска и Австрија, закажани за 6 и за 10 јуни. Асот на Лидс е еден од најстандардните фудбалери во репрезентацијата под водство на Ангеловски, па повеќе од јасно е дека неговото неиграње би било сериозен удар во пресметките со двете најсилни репрезентации во групата.

Се вчитува...