Малинков: Не можам да не бидам задоволен од досега сработеното

Фени индустри го заврши првиот дел од регуларниот тек на сезоната со скор 7-1. Работнички стави крај на серијата од 6-0 што ја направија на стартот на сезоната, но тоа воопшто не ги демотивира кавадарчани за преостанатиот дел од тековната сезона.

Љупчо Малинков, кој и оваа сезона го предводи трикратниот шампион во домашното првенство, е задоволен од досегашниот успех како и од ростерот со кој располага. Промени, барем во скоро време нема да има.

„Имаме само еден пораз досега во домашното првенство што е одличен резултат за нас. Не можам да не бидам задоволен од досега сработеното како и од играчите кои засега ги имам на располагање во ростерот. Не размислувам за проширување, барем не во скоро време, можеби кон крајот на овој месец. Ние веќе започнавме да се подготвуваме за вториот дел од сезоната, од 3. јануари сме во тренажен процес. Пласманот во Суперлигата речиси ни е гарантиран, на почетокот на првенството имаме и, за нас, лесни противници па ќе влеземе поопуштени на тие натпревари. Повеќе се концентираме на натпреварите од БИБЛ лигата. За неколку дена играме против Сутјеска, а потоа и со Карпош Соколи. Да ги добиеме овие две и понатаму ќе ни биде полесно“ – вели Малинков.

Лошите временски услови примораа некои клубови да ги одложат подготовките, но не и кавадарчани. Најава за евентуално одложување на стартот засега нема ниту пак тоа оди во прилог на кој било од тимовите, смета предводникот на Фени индустри..

„Условите се тие, знаеме какво е времето и колкави ни се можностите за тренирање. И покрај тоа тренираме напорно и, најискрено, се надевам дека нема одново да се одложи стартот на првенството. Доволно ни беше одложен старт и дополнително плаќање на играчите, а без ниту еден одигран натпревар. Олеснителна околност беше за нас што се наттпревауваме и во БИБЛ“ – дополни Малинков

Се вчитува...