Малме дефинитивно без тројца стартери против Вардар на утрешниот дуел

Шведскиот првак Малме ќе биде драстично ослабен на утрешниот прв натпревар против Вардар, во рамките на второто квалификациско коло од Лигата на шампионите. Ќе отсуствуваат тројца носители на играта на шведскиот тим, дефанзивецот Бехранг Сафари, како и ударниот напаѓачки тандем, Маркус Розенберг и Александер Јеремејеф. Тие дефинитивно нема да му бидат на располагање на тренерот Магнус Пехрсон.

Розенберг е повреден веќе десетина дена и има истегнат мускул, па најверојатно нема да може да настапи на комплетниот двомеч против Вардар. Му се придодаде и Александер Јеремејеф, кој со него го сочинува напаѓачкото дуо на шведскиот тандем. Тој беше стрелец на единствениот гол во триумф над Хакен (0-1) на гости во саботата, во рамките на шведскиот шампионат, но мечот го заврши предвреме токму поради повреда.

Овие информации од таборот на Малме сигурно носат многу повеќе надеж за Вардар во пресрет на утрешниот меч, кој започнува во 19 часот.

Од друга страна, Малме ќе има голема поддршка од публиката. Шведсскиот клуб објави информација дека досега веќе се продадени 19.000 билети за стадионот „Сведбанк“, кој има капацитет од 24.000 места.

Се вчитува...