Малус трагичар – Вардар во трилер-меч поразен од Нант

Ракометарите на двократниот европски шампион Вардар загуби на домашен терен од француски Нант со 32-33 во првиот натпревар од новата сезона на домашен терен.

Вардар го имаше првиот напад и веднаш стигна реализација преку Јака Малус кој стрелаше за 1-0. Гостите не го искористија првиот напад откако неверојатен на голот беше Васил Гогов. Домаќините предводени од навивачите во „Јане Сандански“ со двата гола во низа на Воркапиќ веќе во четвртата минута имаа и 3-0.

Првиот гол за Французите го постигна Ноам Леополд кој во влезот на петтата минута стрелаше за 3-1. Гостите се разбудија по почетниот шок, па во осмата минута стигнаа до израмнување 5-5. Во следниот период се играше гол за гол, а Нант првпат до водство стигна во 13. минута (8-9) со погодокот на Ајуб Абди. Следуваше нова техничка грешка, по која францускиот тим стигна и до 8-10, по кои Чупиќ мораше да го побара својот прв тајм-аут. Ниту минутата пауза не му помогна на македонскиот шампион. Грешките продолжија, а сето тоа Нант го искористи за во 17. минута да стигне и до плус четири 8-12.

Вардар конечно заигра подобро. Со серија од 3-0 на истекот на 20. минута дојде на само минус еден (11-12). Гостите влегоа во нова серија по која во еден момен стигнаа и до плус пет 11-16, но нашиот тим со супер-завршница успеа на пауза да замине со негатива од само еден гол 15-16.

Второто полувреме почна во игра гол за гол, па и по 38 минути гостите се уште ја чуваа минималната предност од еден гол (19-20). И во следниот период продолжи играта гол за гол што донесе по 45 минути игра предност за Нант од 24-25. Французите конечно успеаја да се одлепат на плус два (24-26) во 46. минута, по што Иван Чупиќ реши да го побара и својот втор тајм-аут на натпреварот.

По тајмаутот на Чупиќ, вардарци со два гола израмнија на 26-26, за тотална „ерупција“ на вулканот „Јане Сандански“. Навивачите продолжија да даваат ветер во грб, а Воркапиќ со неговиот петти гол во 51. минута по долг период донесе водство од 28-27. Следуваше нова одбрана, и нов гол на српското крило на празен гол за 29-27. Французите возвратија со два гола 29-29, па натпреварот влезе во неизвесна завршница.

На минута и пол до крајот при резултат 32-32 Гогов одбрани чист зицер, а Вардар тргна во напад за водство. Малус не успеа да погоди, а на Нант му останаа 40 секунди да стигне до победа. Тарафета изнуди пенал на 15 секунди до крајот на мечот кој најефикасниот кај гостите Леополд го реализираше за 32-33. Јака Малус кој направи неколку грешки во финишот, ја презема одговорноста, но не успеа да погоди во последната секунда, што значеше втор пораз за Вардар сезонава.

Абделхак со десет гола беше убедливо прво име во таборот на Вардар, додека кај победникот Леополд заврши со 13 гола.

 

Се вчитува...