Манасков одличен во новиот триумф на Веспрем

Дејан Манасков беше расположен за тресење на противничката мрежа, играјќи значајна улога во триумфот на Веспрем над Будакалаш, изразен со убедливи 35-23. Актуелниот првак лесно ја оправда фаворитската улога, избраниците на Давид Дејвис во првиот дел водеа со четири гола разлика (16-12), за во вторите 30 минути целосно да го скршат отпорот на гостинскиот состав.

Тренерот на Веспрем реши да го одмори Штрлек, Манасков беше единствена опција на позицијата лево крило, а нашиот репрезентативец знаеше како да го искористи тоа, одигра одличен меч и постигна седум погодоци. Поефикасен од него беше само Словенецот Маргуч, кој беше стрелец на девет гола за Веспрем.

Ова беше 17. победа на Манасков и соиграчите на 17. овосезонски натпревар од унгарското првенство. Нивни главен ривал останува Пик Сегед, кој има претрпено само еден пораз сезонава, на првото дерби со Веспрем.

Се вчитува...