Манасков: Почнуваме со подготовките за Романија

Македонската ракометна репрезентација денеска го има првиот собир како дел од ЕХФ-седмицата што ќе му даде можност на Раул Гонзалес да ги собере на едно место ракометарите за првпат по европскиот шампиоант во Хрватска. Дејан Манасков не крие дека оваа клупска пауза е добредојдена за него по фијаското на Веспрем во ЛШ, а крилниот ракометар очекува националниот тим во оваа седмица да почне со поконкретни подготовки за јунскиот бараж против Романија.

„Ќе се собереме и ќе бидеме заедно околу шест дена. Ќе тренираме, имаме еден пријателски натпревар со Русија што ќе биде од затворен карактер, не знам зошто. Ќе бидеме малку во променет состав, дел од играчите побараа одмор. Мислам дека ќе тренираме, селекторот Гонзалес ќе каже конкретно каков е планот за оваа ЕХФ-седмица. Сигурно полека се подготвуваме за двомечот со Романија во јуни, на кој ќе мораме да одиграме најдобро што знаеме за да се пласираме на СП 2019. Конкретно за мене овој одмор е добредојден по сето она што се случи во последните две седмици. Тешко ни е, криво ми е за неуспехот со Веспрем, но тоа е спортот. Верувам дека следната година ќе стигнеме до Ф4 турнирот во Келн“ – изјави Дејан Манасков на денешниот прв собир на националниот тим.

Се вчитува...