Манасков: Важен е пласманот, уште поважен е континуитетот

ЕКИПА во Клуж,

Билјана Б. Петрушева

Дејан Мансков беше еден од најдобрите поединци во македонската репрезентација, во двата бараж натпревари против Романија со кои Македонија обезбеди пласман на СП 2019 во Германија и во Данска. Левото крило на македонската репрезентација ја истакнува важноста на овој резултат за оваа, но и за генерацијата што доаѓа.

„Среќни сме и задоволни што ќе играме на уште едно Светско првенство во континуитет. Тоа е многу важно за оваа генерација и за следната што доаѓа. Можеби следните квалификации исто така ќе ги истераме во овој состав и потоа ќе дојде до тие големи промени кога некои од овие постарите играчи ќе ја напуштат репрезентацијата. Тоа е процес во секоја репрезентација и кога-тогаш ќе се случи и кај нас. Се надевам дека овие млади момци, ќе созреал уште повеќе за тие година-две и дека ќе продолжиме понатаму со овој континуитет, да бидеме секоја година на големите натпреварувања. Нашата предност е во искуството. Воиграни сме, долго сме заедно и мислам дека тоа ни е предност против овие репрезентации како Романија кои со години не успеваат да се пласираат на големите натпреварувања“ – истакнува Дејан Манасков.

За машката ракометна репрезентација на Македонија, ова ќе биде вкупно шести настап на Светските првенства, четври во серија за оваа генерација.

Се вчитува...