Манчестер Јунајтед подготви 100 милиони евра за Гризман

Авантурата на Антоан Гризман во Барселона најверојатно ќе трае само една година, откако каталонскиот гигант се подготви за продажба на Французинот, а и самиот фудбалер размислува за менување на клупските бои откако воопшто не се снајде во нападот на Барса крај Лионел Меси и Луис Суарез.

Каталонците најавуваат враќање на Нејмар, преговараат и со Лаутаро Мартинез, па јасно е дека ќе мораат да го продадат Гризман за да ги инвестираат овие мегатрансфери. ПСЖ беше споменуван како реална опција за Французинот, но сега во преден план се појави Манчестер Јунајтед, откако „црвените ѓаволи“ најавија дека се подготвени да платат 100 милиони евра за да го доведат овој фудбалер на „Олд Трафорд“.

Оле Гунар Солскјер е свесен дека му е неопходен голгетер од светска класа за догодина да се бори за трофеи, а норвешкиот стратег верува дека токму Гризман е последниот дел од „мозаикот“. Со Бруно Фернандес беше повлечен вистински потег во средниот ред, Мегваер е „командант“ на одбраната, а доколку Гризман во ист стил раководи со нападот, „црвените ѓаволи“ со право ќе се надеваат на далеку подобри резултати во новата сезона.

Се вчитува...