Манев и Емини: Секој треба да даде се од себе за победа над Украина

Македонската А репрезентација се подготвува за квалификацискиот натпревар за ЕП 2024 против Украина на 16. јуни (петок) на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Репрезентативците Јован Манев и Сефер Емини, се надеваат дека репрезентацијата ќе го одигра најдобриот натпревар и дека ќе слави победа над Украина, како мотив плус потоа за пресметката со Англија во Манчестер.

„Веќе влеговме во последната фаза од подготовките за мечот против Украина. Навистина не очекуваат многу тешки натпревари. Оптимисти сме, ќе дадеме се од себе да ги победиме Украинците, фокусирани сме на тој натпревар, но нема да биде лесно. Имаме голема почит кон противникот, Украина е талентиран и одличен тим. Тоа го потврдија и на синоќешниот пријателски натпревар против Германија. Верувам дека ние помладите даваме дополнителен импулс во нашата репрезентација. Се разбира дека имаме голема почит кон поискусните. Тие се наша голема поддршка. Верувам дека заеднички придонесуваме за подобра енергија во тимот“, изјави Јован Манев.

Сефер Емини вели дека е чест да се биде дел од националниот тим, и дека сите треба да бидат подготвени кога ќе дојде одлуката на селекторот кој ќе игра а кој не на  натпреварите.

„Чест е да се биде тука, се трудам да го дадам максимум на секој тренинг. Репрезентацијата е таква што секој треба да даде се од себе. Сите мораме да бидеме подготвени и да ја чекаме одлуката на селекторот. Пред се мора да се фокусираме на натпреварот против Украина, а дури потоа да размислуваме за Англија. Позитивен резултат на првиот меч ќе донесе повеќе верба и самодоверба пред патувањето во Манчестер. Целта е да се одигра најдобриот можен натпревар и да се победи“, вели Емини.

Се вчитува...