Маневски промовиран во Шкендија: Дојдов тука по моја желба

Михаил Маневски и официјално е нов фудбалер на Шкендија. Тој доаѓа од Брегалница, а во минатото играше и за Академија Пандев. Маневски беше играч со најголема минутажа во Брегалница во есенскиот дел. Станува збор за поранешен младински репрезентативец.

Маневски вели дека доаѓа во тим кој што е најдобар во Македонија во последната деценија.

„Со задоволство го чекав моментот на потпишување на договорот со Шкендија. Моја желба и инсистирање беше да бидам дел од Шкендија, бидејќи Шкендија е тим кој секоја година  доминира во првенството. Тоа е најдобриот тим во нашата земја во последната деценија и затоа ќе биде голем предизвик за мене да бидам дел од овој тим. Како што слушнав, Шкендија создава нов тим кој сака да биде конкурентен и да постигнува успеси во европските натпреварувања и затоа сум им благодарен на сите што ми ја дадоа оваа можност. Јас сум играч кој секогаш дава максимум и верувам дека со добри игри ќе го оправдам ангажманот во Шкендија“, изјави Маневски по потпишувањето на договорот.

Брегалница ќе добие соодветно обесштетување како дел од овој трансфер.

Во изјава за официјалната интернет страница на Брегалница, Маневски, пак, истакна благодарност до раководството и стручниот штаб на „сините“ за досегашниот негов фудбалски напредок.

„Сакам во оваа прилика да испратам огромна благодарност до ФК Брегалница, раководството, стручниот штаб и сите вклучени во функционирањето на клубот кои ми помогнаа за исклучителниот развој на мојата кариера. Свесен сум колку Брегалница ми помогна за фудбалскиот напредок. Сакам да искажам и отворена благодарност до сите навивачи на клубот за неизмерната поддршка од првиот до последниот ден“ – вели Маневски.

Се вчитува...