Мареј не смее да игра тенис, последиците можат да бидат катастрофални

Енди Мареј успешно се врати на терените по бројните проблеми со повредата на колкот, неодамна го освои и првиот АТП-турнир во камбекот, но швајцарскиот доктор Хан Ридигер јавно го предупреди Британецот што поскоро да ја прекине кариерата бидејќи ризикот е преголем. Ридигер, кој е специјалист на клиниката во Цирих, потенцираше дека третманот што го избрал тенисерот е многу ризичен, уште повеќе ако по него следи напорна физичка активност.

„Да бидам искрен, не помислив дека некој може по таква операција да се врати на спортот, тоа е невозможно, а Мареј презеде ризик што може да биде катастрофален за неговото здравје. Тој имаше операција на колкот со „бирмингемски метод“, во вградениот дел има две метални површини кои се тријат една од друга. Во нив има мало количество на кобалт, поради што постои сериозна опасност да дојде и до труење на крвта. До пред десет години овој метод беше користен и во Швајцарија, но го прекинавме бидејќи понекогаш доаѓаше до катастрофални последици“ – предупреди Ридигер.

Британскиот ас очигледно има поинакво мислење за целата ситуација, планирајќи да игра на уште неколку турнири до крајот на годинава, а потоа да настапи и на Австралија Опен на почетокот од 2020.

Се вчитува...