Марио Геце долги години важеше за суперталент на германскиот фудбал, пред се благодарение на извонредниот старт на кариерата во дресот на Борусија Дортмунд. Офанзивецот во 2013 година донесе изненадувачка одлука, инсистирајќи на трансфер во Баерн Минхен.
Борусија не сакаше да го продаде, но на крајот сепак пресуди желбата на фудбалерот, кој за 40 милиони евра се пресели во редовите на лутиот ривал, но таму никогаш не ги оправда очекувањата. Од сегашна перспектива, Геце е свесен дека токму тој погрешен избор го спречил да има поблескава кариера.
„Од сегашна гледна точка, требаше да останам во Дортмунд уште најмалку една година, да продолжам да соработувам со Клоп, кој многу ми помогна на почетокот од кариерата. Сепак, се случи тоа што се случи, добив понуда од Баерн, можност да играм за Пеп Гвардиола и решив да ја прифатам. Благодарение на Гвардиола сега сосема поинаку гледам на фудбалот, тој трансфер не ми беше животна грешка, но верувам дека ќе беше подобро ако останев во Борусија“, изјави Геце.
Поранешниот германски репрезентативец потоа се врати назад во Борусија, но беше далеку од посакуваната форма. „Милионерите“ не му го продолжија договорот што истекуваше минатото лето, по што тој како слободен играч се пресели во ПСВ Ајндховен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА